Парчиња од кинеска ракета тешки 23 тони може да паднат во Медитеранот

Ракетата Долгиот марш со модулот Менгтијан беше лансирана во понеделникот - Фотографија Profimedia

Остатоци тешки 23 тони од кинеската ракета „Чангџенг 5б“ навлегоа во атмосферата и за неколку часа се очекува да паднат во регионот на Медитеранот.

Се очекува близу 40 отсто од металните парчиња да согорат во атмосферата, но мошне е веројатно дека некои делови, како резервоарите, ќе удрат на површината. Така беше и при паѓањето на остатоците од трите претходни кинески ракети. Експерти истакнуваат дека е невозможно да се утврди точната локација на која ќе паднат остатоците, но забележуваат дека исклучително ретко се случува да бидат загрозени луѓе во населби. Веројатноста парчиња да убијат човек е проценета во сегментот од 1 случај во 230 до 1 случај во 1.000.

Ракетата „Чангџенг“ (Долгиот марш) беше лансирана во понеделникот за да го однесе во ниска орбита третиот модул „Менгтијан“ до кинеската вселенска орбитална станица „Тјангонг“. По исфрлањето на модулот, ракетата продолжи слободно да паѓа и навлезе во атмосферата денеска во 11.01 часот.

Остатоци од најмоќните кинески ракети паднаа на Земјата и по лансирањата во 2020, во 2021 и во мај 2022 година. Остатоците од првата ракета паднаа близу села во Брегот на Слоновата Коска, од втората во Индиски Океан, а од третата ракета паднаа близу села во Борнео. Никој не беше повреден.

Корпорацијата „Аероспејс“, која ги следи траекториите на ракетите и сателитите исфрлени од употреба, предупредува дека со зачестените лансирања се зголемува и ризикот остатоци да паднат во населено место.

Во изминатите 50 години најголеми ризици беа паѓањето на вселенската станица „Скајлаб“ на НАСА во 1971 година и на советската станица „Салјут 7“ во 1991 година. Кинеските инженери пред неколку дена објавија дека во оваа ракета направиле модификации што би овозможиле полесно распарчување и согорување на деловите при паѓањето низ атмосферата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот