Остварени се видливи резултати во сите дејности, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска

Предновогодишна средба на министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска со новинари од областа на културата

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на 28 декември оствари предновогодишна средба со новинарите на која ја резимираше годината која изминува, а најави и дел од активностите за следната година. Новинарите од областа на културата имаа едночасовна средба со министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска на која детално беа запознаени со активности на Министерството за култура во повеќе области.

Министерката прво информираше за стратешките и за нормативните акти во културата на кои темелно се работи. Некои од нив во јануари ќе бидат достапни на ЕНЕР и на јавна расправа, а се во делот на Националната стратегија во културата, заштитата на културното наследство и Охридскиот регион.

Министерката повторно упати апел до претседателот на Комисијата за култура на Собранието, Кастриот Реџепи, да не се кочи натамошната постапка за донесување на Законот за употреба на македонскиот јазик.

– Јазикот е заштитено нематеријално културно наследство – рече министерката, и додаде: „Овој закон ја унапредува примената на македонскиот јазик и во него е предвидено задолжителното вработување лектор во секоја институција, како и задолжително лекторирање на текстовите. Друга новина е воведување на работата на Инспекторатот, област во која има одредби кои се усогласени со новиот Кривичен законик. Овој закон ќе овозможи одредени измени во Законите за основно, средно и високо образование“, посочи министерката за култура.

Костадиновска-Стојчевска спомна дел од големите проекти од изминатава година во која се финализираше административниот процес, како проектот за реконструкција на Старото училиште во с. Љубојно во Центар за промоција на македонскиот јазик, а чие реновирање почнува во јануари. Потоа ја истакна успешната работа и оправданоста на формирањето на новите установи, како Камерниот оркестар во Битола и Џез оркестарот во Скопје, за кои се обезбедени услови за работа.

Интересот на новинарите беше насочен и кон примопредавањето на Универзалната сала, на што министерката рече дека Градот Скопје ја предал документацијата на Министерството за култура и реновирањето може да започне. Планираниот рок за завршување е три години.

Костадиновска-Стојчевска најави конзервација на иконите од првата реституција во државата и отпочнување нова постапка за враќање на останатите украдени македонски икони од Албанија.

Министерката за култура искажа благодарност до медиумите за интересот кој го имаат за темите од областа на културата, со кој го држат вниманието на јавноста и ја прават поблиска до граѓаните.

– Се радувам на видливите резултати во сите дејности, богатството и разноликоста на уметнички содржини, инвестициите во инфраструктурата, кои во 2024 година ќе бидат уште поатрактивни за граѓаните и за корисниците, а ќе продолжат да бидат актуелни и привлечни и за Седмата сила – истакна Костадиновска-Стојчевска.

За следната година од државниот буџет се издвоени 4,6 милијарди денари за културата.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 211, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30.12.2023 – 02.01.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот