Османи: Без ЕУ како општество губиме кислород, не смееме да ја испуштиме шансата

Нема понесериозен пристап од ова што го прави опозицијата, која е кочничар на земјата на патот кон ЕУ. Ако сега ја испуштиме шансата, ќе чекаме некоја нова годишнина од самитот на ЕУ во Солун, веројатно само со Босна и Херцеговина, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи

Без Европската Унија како општество губиме кислород. Не можеме без ЕУ. Што ќе се случи ако Унијата ги повлече сите фондови, пари, проекти… или ако каже оваа земја никогаш нема да стане членка на Унијата? Вака министерот за надворешни работи Бујар Османи ја објаснуваше потребата од уставните измени што ќе го отворат патот на Македонија кон ЕУ, со дополнување дека, ако сега ја испуштиме шансата, ќе чекаме некоја нова годишнина од самитот на ЕУ во Солун, тогаш веројатно само со Босна и Херцеговина.

На денешната прес-конференција посветена на 20-годишнината од Солунскиот самит, Османи говореше за фазно интегрирање во политиките, фондовите и во пазарите на ЕУ со што до членството нема да има празен од, туку скалила на кои граѓаните ќе имаат придобивки. И сето тоа ако се усвојат уставните измени до втората меѓувладина конференција што ќе овозможи отворање на кластерите во преговорите за членство.

Османи повика на јавни дебати за уставните измени, идеи и сугестии и ја обвини опозицијата за политиканство и нефер однос кон граѓаните. На прашањето како се замислуваат јавните дебати кога е јасно дека без опозицијата нема уставните измени, а ВМРО-ДПМНЕ, како што вели, нема намера да гласа за нив, Османи рече дека на опозицијата не ѝ е целта консензус.

– Тоа е политикантството за кое зборувам. Ова е нефер однесување од ВМРО-ДПМНЕ. Не им е целта консензус, туку малку време во вестите и во медиумите. Со тоа ги загрозуваат и граѓаните и меѓународната заедница – оцени Османи.

Според него, нема понесериозен пристап од ова што го прави опозицијата, која ја нарече кочничар на европскиот пат. Доколку нема договор за усвојување на уставните измени, тој најави алтернативен начин на обезбедување гласови, што значи разговори со пратеници кои не сакаат нивното име да се појави на листата на кочничари и „секое семејство што ќе ја напушти земјава да им биде ставено како грев“.

За уставните измени денеска свој став изнесе и академик Владо Камбовски, кој смета дека тоа прашање не заслужува толкава бура во јавноста, бидејќи со иницијативата за вклучување на Бугарите во Преамбулата „тропаме на отворена врата“.

Неговото објаснување беше дека тие се веќе внесени во Уставот како заедница затоа што во Преамбулата постои генерална клаузула која зборува и за „други народи, односно заедници“. Ставот на академикот е дека е потребен дијалог во кој треба некои разумни аргументи.

– Зборот ми е за еден разумен, трезвен дијалог без политички калкулации, без манипулирање, без непотребен популизам итн… Нека се слуша малку мудриот глас на научната јавност и нека се дебатира со аргументи во однос на сите одбрани исклучителни прашања за кои сакаме да дебатираме со аргументи, без некакво политикантство или калкулации што тоа ќе значи за една партија, за друга партија, туку поаѓајќи од еден општ интерес и на македонскиот народ и на сите граѓани што живеат во Република Северна Македонија – порача Камбовски пред почетокот на Конференцијата во МАНУ за забрзување на процесот за пристапување во ЕУ.

Според него, и во меѓународните конвенции стои ставот дека една заедница – национална, етничка, религиозна, која и да е – постои со самото свое постоење без оглед дали е призната формално или не е призната во Уставот или во другите акти на државата, бидејќи се работи за колективни права.

Премиерот Димитар Ковачевски, повтори дека ВМРО-ДПМНЕ треба да остане на искажаниот став по лидерската средба во однос на уставните измени, да се работи на ниво на работни групи и да се договорат деталите, потенцирајќи дека со внесувањето на Бугарите во Премабулата на Уставот паѓа во вода тезата за „еден народ во две држави“.

– Не толкувам што е јавно кажано и јавно презентирано пред медиумите, а преку медиумите и до јавноста. Сите можевме да видиме на прес-конференцијата после лидерската средба на 7 јуни дека позициите беа приближени. Прво, дека за ВМРО-ДПМНЕ е прифатлива промена на Уставот. Тоа беше кажано јавно на телевизија, бидејќи пред тоа тие тврдеа дека не е прифатлива, под кои било околности, промена на Уставот. Тоа беше променето, јавно кажано – рече Ковачевски.

Според вицепремиерот Бојан Маричиќ, уште неколку дена треба да се даде шанса за дијалог со опозицијата пред Владата да ги пушти уставните измени до Собранието, иако е јасно дека таа нема намера повторно да седне на маса. Тој најави дека Владата сака да го дополни и да го зацврсти образложението на иницијативата со дополнителни аргументи околу процесот на преговори со ЕУ и за нејзиното значење во процесот на преговори, па потоа да ја достави до Собранието.

Иницијативата за уставни измени, според него, не е никаде заглавена, и тие се разгледуваат од сите аспекти.

– Нашата врата ќе остане отворена за дијалог и таа можност ќе постои и откако уставните измени ќе влезат Собранието, затоа што процедурата трае, зашто од доставувањето на иницијативата до првото гласање има 30 дена. Ние рековме дека би сакале во текот на летото да ги испратиме амандманите во Собранието. Крајниот рок за завршување на комплетната процедура е во ноември. Значи најдоцна во текот на јули да ги испратиме амандманите доколку сакаме да стигнеме во ноември – рече Маричиќ.

И додека власта повикува на консензус, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во врска со уставните измени изјави дека ставот на партијата е конзистентен веќе една година наназад и оти на лидерската средба понудиле две решенија. Додава дека тој е подготвен за разговор со Владата доколку прифати едно од тие две решенија – уставни измени со одложени дејство или избори на есен. Тој уште кажа дека, според нивни информации, следната недела пратеничка група, на ДУИ или на СДСМ, ќе излезе во парламент со идеја да нема техничка влада.

– Еве јавно им кажувам. Не мора да има техничка влада, ајде да одиме на избори. Не мора сто дена. Нека кажат Даштевски и Државната изборна комисија колку дена се потребни за да ги организираат тие избори – изјави Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот