Општина Охрид бара помош од архитекти за уредување на охридските плажи

Плажа во Охрид / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Охридската локална самоуправа објави оглас за прибирање на идејни решенија за уредување на плажите на Охридското Езеро со што презема важна улога во уредувањето, но и во управувањето со крајбрежјето, согласно еко стандардите, Планот за управување со светско природно и културно наследство и според препораките на УНЕСКО, објави денес на прес-конференција градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски.

– Општина Охрид во текот на изминатиот период покажа сериозна посветеност на исполнување на препораките на УНЕСКО и почитување на одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, со што успеавме да го зачуваме статусот на заштитено подрачје. Добивме нов дополнителен период за продолжување на сите активности и мерки, кои ќе придонесат во решавањето на децениските проблеми и ќе обезбедат подобра заштита на долг рок, истакна Георгиевски.

Тој потсети дека пред почетокот на туристичката сезона, сите крајбрежни локации каде се отстрануваа бесправните објекти беа уредувани од страна на општината.

– Пред самиот крај на летната туристичка сезона може да кажеме дека привремениот концепт за слободно користење на плажите, се покажа ефективен и успешен и донесе една новина во понудата на крајбрежјето на Охридското Езеро, изјави градоначалникот Георгиевски.

Според него, од исклучителна важност е плажите да бидат јавни и слободни за користење, во функција на туризмот и да бидат уредени по желба на граѓаните, поради што Општина Охрид објави јавен повик за прибирање на идејни решенија за уредување на плажите на Охридското Езеро, кој ќе трае до крајот на септември и кој е објавен на веб-страницата на општината. Целта на повикот е вклучување на архитектите, стручната јавност и граѓаните во процесот на уредување на плажите на крајбрежјето согласно препораките и насоките од Планот за управување со светското природно и културно наследство, препораките на УНЕСКО како и постојните законски прописи. Општина Охрид утврдила дека во уредувањето треба да се применат автохтони материјали како што се дрво, камен, стакло, а се забранува употреба на: метал, лим, бетон, бехатон, армирано-бетонски и челични конструкции и ѕидови од камен.

Доставените решенија ќе бидат објавени на увид пред јавноста и соодветната стручна комисија со цел избор на најсоодветно решение. Идејните решенија за уредување на плажите треба да бидат изготвени согласно проектната задача и постојните прописи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот