Опасностите и стапиците на градењето мултирасни демократии

epa08515137 Dozens of people participate in a march against the President of Brazil Jair Bolsonaro, on Copacabana beach, Brazil, 28 June 2020. The protest is part of the events called by the social networks with the hashtag #StopBolsonaroMundial, in which the resignation of the head of state was requested and his denialist policy against the pandemic was criticized, and registered in some cities in Brazil and in the abroad, mainly in Europe. EPA-EFE/FABIO MOTTA

Справувањето со етничките, верските и културните тензии е предизвик за земјите од целиот свет

Меѓу многуте интервјуа што ги даде поранешниот американски претседател Барак Обама во врска со објавувањето на неговите мемоари, се појавија две реченици што ми оставија силен впечаток: „Америка е првиот вистински експеримент во градењето на голема, мултиетничка, мултикултурна демократија. И сè уште не знаеме дали таквата демократија е одржлива?“

Тоа е зачудувачки мрачен поглед на работите. Кога белите лидери на апартхејдот во Јужна Африка сугерираа дека демократијата нема да може да функционира во мултирасно општество, беа осудени како расисти. Но таквата можност, се чини, сега ја најавува и г. Обама.

Барак Обама
Барак Обама: „Америка е првиот вистински експеримент во градењето на голема, мултиетничка, мултикултурна демократија. И сè уште не знаеме дали таквата демократија е одржлива?“/ Фото: EPA-EFE/ERIK S. LESSER

Не е погрешно што поранешниот американски претседател го постави ова прашање. Напорите на неговиот наследник Доналд Трамп да го поништи резултатот од претседателските избори во 2020 година беа изградени околу лажното тврдење дека имало измама на гласачите, особено во градовите со густа црнечка популација, како Детроит и Филаделфија. Една неодамнешна анкета на јавното мислење во САД покажува дека мнозинството гласачи на г. Трамп сметаат дека се случила изборна измама. Иако се чини дека напорите на г. Трамп да ги поништи изборите ќе пропаднат, расните тензии беа централни во неговиот обид да ја сруши демократијата.

Автократиите во Индија и Бразил

Ако ништо друго, грешката на Обама е што сугерира дека ваквите предизвици се единствени за САД. А и Индија и Бразил се исто така големи мултирасни, мултикултурни земји, каде што демократијата е под сè поголем притисок.

Татковците основачи на независна Индија инсистираа на тоа дека земјата мора да биде секуларна во своите погледи и дека сите граѓани се еднакви, без оглед на верата. Но, сегашниот премиер на Индија, Нарендра Моди, е хинду-националист со агресивно мајоритарен светоглед. Неговата владејачка партија Баратија Џаната не избра муслимански пратеници во своите редови на последните парламентарни избори. Подемот на хинду-национализмот се совпадна со сè поизразениот автократски стил на владеење, за кој многу либерали сметаат дека ги загрозува граѓанските слободи на муслиманите – како и независноста на судовите и медиумите во Индија.

Премиерот на Индија, Нарендра Моди
Премиерот на Индија, Нарендра Моди, е хинду-националист со агресивно мајоритарен светоглед. Неговата владејачка партија Баратија Џаната не избра муслимански пратеници во своите редови на последните парламентарни избори/ Фото: EPA-EFE/RAJAT GUPTA

Во Бразил, пак, Жаир Болсонаро користеше политички аргументи што наликуваат на американската републиканска партија. Имено, бразилскиот претседател тврди дека е жртва на изборна измама. Болсонаро ги осуди и афирмативните малцински политики наменети за црната, мешана раса и домородните Бразилци, забележувајќи: „Јас не би се качил на авион што е управуван од некој кој е корисник на квота за позитивна дискриминација“. Бразилскиот лидер често е двосмислен во односот кон демократијата и често го фали 21-годишниот период на владеењето на воената хунта во Бразил.

Искуствата на САД, Индија и Бразил сугерираат дека расните, културните или религиозните тензии можат да пораснат до нивоа каде што некои политичари и гласачи почнуваат да ги отфрлаат основните принципи и разбирања што ја поддржуваат демократијата.

Стравот кај мнозинствата

Сепак, постојат контрапримери на земји што станаа многу повеќе мултиетнички и мултикултурни во последните децении, без да се плашат од сериозни закани по своите демократии. Во нив спаѓаат Канада, Австралија и Велика Британија.

Која е разликата? Една можност е дека најголемите етнички или религиозни групи во САД, Индија и Бразил се исплашија дека нивната позиција во општеството и привилегиите што одат со тоа се под закана на начин кој (сè уште) не е очигледен на други места.

Во Бразил, пописот во 2010 година покажа дека белите Бразилци се помалку од 50 проценти од вкупното население. Во САД, проекциите дека во земјата белците ќе станат малцинство до 2045 година доведоа до мрачни шпекулации кај некои републиканци дека партијата можеби никогаш нема да победи на кои било следни национални избори – што доведе до засилени напори за манипулација со границите на изборните единици и притисоци врз гласачите. Во Индија, пак, мнозинската параноја е помалку лесна за објаснување, бидејќи хиндусите сочинуваат нешто помалку од 80% од населението, кое вкупно брои речиси 1,4 милијарди луѓе. Но, многу првенци во партијата на Моди ја промовираат идејата дека муслиманите уживаат нефер привилегии и дека е загрозена религиозната рамнотежа во Индија.

Болсонаро ги осуди афирмативните малцински политики наменети за црната, мешана раса и домородните Бразилци, забележувајќи: „Јас не би се качил на авион што е управуван од некој кој е корисник на квота за позитивна дискриминација“/Фото; EPA-EFE/JOEDSON ALVES

Прашањето како да се справите со етничките и културните тензии во рамките на една демократска структура, се решаваше на различни начини низ целиот свет. Некои земји тргнаа по патот на изразени форми на колективни права. Малезија, на пример, има вградени привилегии за образование и вработување за малајското мнозинство. Во Либан, граѓанската војна заврши со специјални гаранции за гарантирани места во парламентот и во јавниот сектор за припадници на одредени религиски групи и секти. Но, во двете држави, колективните права доведоа до кронизам и корупција.

Алтернативите се полоши

На другиот крај на спектарот, Франција дава приоритет на заедничкото државјанство пред колективните права. Многу француски интелектуалци остануваат категорични во отфрлањето на комунитаризмот – тврдејќи дека тоа е американска идеја, туѓа на Франција. Овој акцент на индивидуалните над групните права има јасна привлечност за секој класичен либерал. Но, чувствително е на обвинувањата дека со тоа се игнорира реалноста на традиционалната нееднаквост.

Осврнувајќи се кон состојбите низ целиот свет, несомнено е дека тврдењето на Обама не е без основа. Мултикултурните и мултирасните демократии честопати се оптоварени со тензии и ниту една земја не ја погоди формулата што функционира без проблеми. Но, во свет со масовна миграција, обидот да се спроведе монокултурализмот сè повеќе изгледа како рецепт за стагнација или тиранија. Така, и во Јапонија и во Унгарија се усвоија многу рестриктивни ставови кон прифаќањето на имиграцијата, заради експлицитно културни причини. Но бројот на населението во обете земји од година во година се намалува.

На други места во светот, екстремните напори за зачувување на доминацијата на една етничка група доведоа до „етнички чистења“, како во Мјанмар, на пример, или до отворање на кампови за масовно затворање и превоспитување, како што Кина го стори тоа за муслиманските малцинства во провинцијата Ксинџијанг.

Да се ​​направи функционална мултиетничка демократија е напорна и неизвесна работа. Но алтернативите на таквите демократии изгледаат непривлечни, неизводливи – а понекогаш и застрашувачки.

Написот е објавен во викенд-изданието на Слободен печат. (05-06 декември 2020) во прилогот СП. неделник. Текстот е преземен од Financial Times (ЛОНДОН) со претходна дозвола од издавачот. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот