ОЈО: Kaj Боки 13 и Кичеец најдени усб стикови, мемориски картички и многу оружје

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција информира дека во соработка со Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден до раните утрински часови работеле на прибирање на материјални докази поврзани со осомничените во случајот „Рекет“.

Го пренесуваме соопштението во целост:

„Како што веќе обвинителството информираше, извршени се претреси во домот на родителите на првоосомничениот, во станот каде што престојувал, како и во просторијата што ја користел во едно правно лице, воедно извршен е претрес и во домот на второосомничениот, како и во возилата што ги управувале.

При претресите прибран е броен доказен материјал што допрва треба да биде предаден на вештачење. Меѓу одземените предмети покрај два персонални компјутери и еден лап топ што ги користеле првоосомничениот и неговата асистентка, одземено е поголемо количество на брендирана гардероба, накит, часовници и уметнички дела. Од второосомничениот се одземени повеќе лап топ компјутери, документација, мобилни телефони, УСБ стикови и мемориски картички, како и поголемо количество на оружје и муниција за кое дополнително ќе се утврдува дали второосомничениот го поседувал со дозвола.

Со оглед на обемноста на материјалот, записниците за одземени предмети се уште се подготвуваат и во моментов обвинителството не може да соопшти детали.

Воедно, обвинителството ја известува јавноста дека до овој момент надлежниот обвинител нема извршено разговори со други лица, за кои излегоа шпекулации во јавноста дека се повикани на информативен разговор во насока на расветлување на случајот.

Во интерес на истражната постапка и спречување на шпекулациите во јавноста, обвинителството колку што дозволува истрагата континуирано ќе информира за преземените дејствија“, се вели во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот