Од устата на пратеникот зборува партијата

Фото: mia.mk

Пратениците треба да сфатат дека одговорноста пред граѓаните треба да е многу поголема, а начинот на комуникација со политичките противници да соодветствува на функцијата. Скандалите ја креваат популарноста, но таа трае ден-два, затоа  пратеникот треба да е постојано присутен во јавноста со ставови кои водат кон излезни решенија, но и подготвеност за соработка со политичките противници во интерес на заедницата.

Ова е мислењето на експертите, кои „Слободен печат“ ги праша за коментар на однесувањето на народните избраници во парламентарните клупи во изминативе неколку месеци, кога се случува постојана блокада на Собранието од опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Алијанса на Албанците/Алтернатива.

На кандидатските листи треба да бидат ставени кандидати со изградена свест, вештина и знаење, смета политикологот Владимир Божиновски. Според него, проблемот е во легитимитет на пратеникот кој во моментов произлегува од партиската припадност.

– За да се надмине ситуацијата во Собранието, треба да постои минимум комуникација и доверба меѓу политичките конкуренти. Кај нас тоа го нема веќе 20 години. Партиите едно зборуваат кога се на власт, а друго кога се во опозиција. Сега во законодавниот дом се случува класично политичко насилство. Поминуваат закони што немаат врска со европско знаменце, а се ограничуваат и говорите на опозицијата. Во иднина вакви состојби можат да се надминат само ако се зголеми авторитетот на пратеникот. Авторитетот на пратеникот произлегува од партијата, бидејќи централата одлучува кој ќе биде на пратеничката листа. Поради тоа, тој е повеќе послушник отколку индивидуалец со интегритет кој треба да биде член на највисокото тело во државата – вели Божиновски.

Нормално е во храмот на демократијата да има различни мислења, меѓутоа треба да се разликува што е дебата, а што се постапки што закрвуваат или внесуваат раздор меѓу граѓаните. Дозволени се емоции и повисок тон на говор, но не и викање, смета комуникологот Бојан Кордалов.

– Во време кога граѓаните најмногу очекуваат решенија за проблемите, својата комуникација прaтeниците ја сведоа на глума, емоции, ораторство, реплики и контрареплики, говор на омраза. Таквата комуникација е скапо платената од парите на граѓаните и не смее да се сведе на гола битка за насловна страница. Треба да се разбере дека оваа привилегија не се состои во финансии и патувања, туку во можноста да придонесете да го промените општеството – вели Кордалов.

Експертот по комуникологија вели дека има две причини зошто пратениците не го почитуваат Кодексот на однесување, едногласно изгласан пред две години.

– Првата е неказнивоста, а втората е што народните избраници сериозно не ги разбираат процесите и улогата во која се наоѓаат. Залудни се и сто кодекси ако не се гради свест за тоа која е улогата на индивидуата пратеник. Ако постојано се живее во табори, до напредок никогаш нема да дојде. Ако нема добра комуникација, не може да зборуваме ниту за какви било поместувања напред – смета Кордалов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот