Од расипаните и оштетени чешмички неконтролирано се троши вода

Фото: Слободен печат

Од година во година потрошувачката на пивка вода во Скопје се зголемува. Причини за тоа се трошењето вода за основните потреби на домаќинствата, за наводнување на дворовите и бавчите, но и поради одржувањето на јавното градско зеленило во главниот град. Сепак, покрај овие неколку причини, огромни количества вода се трошат и поради одредени оштетувања на водоводната мрежа, но и како последица на голем број расипани чешмички за пиење вода од каде што непрекинато истекува водата.

Дополнителен проблем кога станува збор за чешмичките за вода во главниот град е и фактот што нив ги има многу ретко и тоа на пофреквентните локации каде што и раздвиженоста на граѓаните е поголема во летниот период кога и потребата за почесто пиење течности е голема.

– Во близина на детската улица во Ново Лисиче имаше поставено чешмичка за пиење вода, која постојано беше мета на несовесни граѓани. Ја чкртаа и ја уништуваа. Надлежните ја променија чешмичката и ставија нова, од оние каде што за да се напиеш вода, мора да притиснеш копче. За жал, радоста кратко траеше бидејќи таа е повторно расипана и вода тече од сите страни. Не знам дали била со послаб квалитет или намерно е оштетена од несовесни граѓани, но проблемот со неконтролираното течење вода надлежните мора да изнајдат начин како да го решат – раскажува жителка на Ново Лисиче.

Од ЈП „Водовод и канализација“ велат дека доколку има дефект на одредени чешмички, тогаш тоа не е поради нивната старост и дотраеност.

– Дефекти на чешмичките за пиење вода од дотраеност речиси и да нема, затоа што Град Скопје и општините во градот извршија замена на старите со нови чешмички. Доколку сепак има дефект на некоја од нив, граѓаните слободно да пријават до нас или до општините, по што дефектот ќе биде веднаш саниран. Постојат и оштетувања настанати од несовесни граѓани, дефекти за кои исто така стоиме на располагање и ние и општините- децидни се од ЈП „Водовод и канализација“.

Токму поради зголемената потрошувачка, ова јавно претпријатие во текот на летните месеци неколкупати излезе со апел за рационално трошење на водата за пиење. Сепак, надлежните велат дека не можат со сигурност да кажат во колкав процент тоа делува односно колку, всушност, населението ја сфаќа сериозноста на овие апели за рационално користење на водата.

– ЈП „Водовод и канализација“ постојано апелира за рационална потрошувачка на водата што ни доаѓа од природниот извор Рашче, чија обилност освен од потрошувачката, во голема мера е зависна и од климатските промени што се глобална закана. Кога станува збор за совесното однесување на корисниците (домаќинства и правни субјекти) и за тоа колку на нив делуваат апелите, не можеме да кажеме на колкав процент тоа делува, но тоа што можеме да го потенцираме е дека треба да делуваат и дека секој корисник на индивидуално ниво треба да делува со цел да се постигне колективната цел и да се зголеми колективната свест – изјавија за „Слободен печат“ од ова јавно претпријатие, од каде што со бројки ја споредуваат зголемената потрошувачка на вода поради високите температури, односно, како што информираат, во зимските месеци на дневно ниво се движи околу 260.000 до 270.000 метри кубни, додека во овој период надминува 300.000.

Според надлежните, огромната потрошувачка на вода за пиење најверојатно се должи и на фактот што таа многу често се користи и за наводнување на зеленилото во дворовите на луѓето, но и за наводнување на бавчите во приградските населени места.

Поголемиот дел од зелените површини на територија на Град Скопје се наводнуваат со вода од градскиот водовод. Исклучок од тоа е зеленилото и останатата вегетација во Градски парк, кои се наводнуваат со техничка вода, а со иста таква вода се наводнуваат и зелените површини во парковите во општина Аеродром. За разлика од тоа што дел од зеленилото во Скопје се наводнува со пивка вода, односно со вода од градскиот водовод, улиците и булеварите во главниот град се мијат исклучиво со техничка вода.

Водата која е квалитетна и бактериолошки исправна, а е наменета за задоволување на потребите на скопјани, исто така, со години наназад неконтролирано и неповратно истекува и се губи, како последица на многубројни дефекти.

Од вкупното количество вода, токму поради ваквите дефекти загубата изнесува околу 20 отсто.

Според информации добиени од ЈП „Водовод и канализација“, најчесто дефекти настануваат поради промена на притисокот во водоводната мрежа и тоа во зависност од тоа дали е дневна (зголемена) или ноќна (намалена) потрошувачка како и летен период (зголемена потрошувачка) и зимски период (намалена потрошувачка). Појавата на дефектите е како резултат на комбинација на повеќе фактори, притисокот во системот и материјалот од кој е направена водоводната линија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот