ОД ПРВИ ОКТОМВРИ: Се враќа редовното плаќање на кредитите

Граѓаните би прифатиле ново пролонгирање на плаќањето на ратите од кредитите и картичките, но само ако останат актуелните каматни стапки. Сепак, засега нема ништо ново за оваа тема и останува рокот до крајот на септември, до кога течат само камати, а не се отплаќа главницата. Мерката завршува во октомври, а до тогаш ќе се следи состојбата која ја донесе пандемијата. Над 70 проценти од граѓаните ја избраа опцијата за одложено плаќање.

-Регулаторните измени со коишто се овозможи олеснување на финансискиот товар на засегнатите кредитокорисници, за банките и штедилниците важат до крајот на септември, но ако биде потребно, ќе се разгледа можноста нивната важност да биде продолжена – рекоа претходно од Народна банка.

Фирмите им должат на банките 2,7 милијарди евра, а граѓаните 2,8 милијарди евра. НБРМ нема законска можност да прогласи мораториум на наплатата на кредитите, туку само да преговара со банките за да му излезат во пресрет на населението и стопанството и во та насока да ја усмерува регулативата. Мораториум на обврските за кредити прогласија Италија (до крај на коронакризата), Унгарија и Австрија до крајот на годината, а Црна Гора, Србија, Албанија во период од 3 месеци.

-Доколку во натамошниот период, околностите поврзани со пандемијата на ковид-19 наметнат потреба од нови активности, членките на МБА ќе ја разгледаат можностa за понатамошна помош на  населението и стопанството во услови на пандемија-рекоа од оваа асоцијација.

Според податоците на Народната банка во првиот квартал од годината 4,7 проценти од кредитите не можеле да се наплатат. Периодот не ги опфаќа април, мај и јуни. Годишната стапка на раст на депозитите на корпоративниот и граѓанскиот сектор изнесува 8,4 проценти, а кај вкупните кредити растот изнесува 6,6 проценти и се должи на зголеменото кредитирање и на компаниите и на домаќинствата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот