Од Крале Марко, преку Катица Јанева до Вилма Русковска

Фото: Слободен печат

Сигурен сум дека многумина го знаете оној богохулен виц. Кога Пресвета Богородица пристигнува на состанокот на сите светци, а таму љубоморно ѝ замеруваат дека сите тие се свети, а само таа претерела.

Претерувањето е толку врзано со историјата на Македонија, па можам да се кладам дека вицот е смислен од наши домашни шегобијци. Претерувањето ни е во крвта и јазикот, каде како стилска фигура преовладува хиберболата во севкупното народно творештво. Така е и во модерни времиња.

Кога од Европската Унија ни посочија дека мора недвосмислено и одлучно да се бориме со организираниот криминал во земјата, ние без воопшто да се натегаме со нив, велејќи само едно кусо – нема грешка – веднаш се фативме да претеруваме.

Односно, да претерува започна обвинителката Фатиме Фетаи, со нејзините незаборавни перформанси пред камерите, кога на јавноста драматично и речиси поетично и ги соопштуваше криминалите кои имено биле направени од функционерите на минатата владејачка гарнитура. Фетаи толку добро го правеше тоа, што веднаш стана популарна како и сите актерки и пејачки во Македонија заедно. Хиперболично до коска, таа ги презентираше сомневањата за криминал, извлечени од „бомбите“ на Зоран Заев. Народот беше пресреќен со ова „обвинителско шоу“, кое за кратко време стана омилената забава. Сепак, тоа во судницата не вроди со плод, бидејќи таму се ценат доказите и ништо друго не е битно.

Неколку години подоцна шефицата на Фетаи, специјалната обвинителка Катица Јанева беше уапсена под сомнение дека токму таа била дел од организираниот криминал. За Катица се испишани цели фермани, но никој досега на пример ја нема споредено со Крале Марко. За Марко се карактеристични хиперболичните епови, кога еден чекор му е седум метри и кога секој втор ден се пресметува со Црна Арапина, но неговата биографија е речиси дијаметрално спротивна од јуначката легенда. Катица, се разбира доколку ѝ бидат докажани обвинувањата за кои се терети, во историјата ќе остане запомнета како корумпиран обвинител, која за паричен надомест и гарнитура мебел им прави услуги на осомничените. Но, ако се земе во обзир целото народно творештво испеано во нејзина чест, кога важеше за некомпромисен борец за правда, тогаш комотно можеме да ја ставиме во ист ред со Марко.

Според истиот принцип по патеките на хиперболата се движи и Вилма Русковска, шефот на Обвинителството за организиран криминал, која со неколку изјави и една СМС порака, ја издигна сопствената легенда на ниво на Крале Марко, Фатиме Фетаи и Катица Јанева. „Истресувањето од гаќи“ и примедбата на Русковска дека со вакви судии нема никогаш да одиме во Европа, предизвика нова реакција на воодушевување меѓу рајата. Овие пораки беа упатени кон судскиот совет кој на Јанева ѝ дозволи притворот да го замени со домашен притвор, по што Вилма стана новата Катица, но и новата Фетаи. За нејзе се плетат новите грстови од легенди, а за нејзе се пишуваат најубавите стихови.

Не се сомневам дека правосудниот систем и борбата со криминалот ќе останат главен проблем на Македонија и во наредните години. Тоа што во моментов не го знам е тоа како ќе се вика новиот јунак, околу кој ќе се сплотат Македонците жедни за правда. А сигурно ќе биде некој нов!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот