Од депонијата во Визбегово се чисти шут и отпад со децении стар

Една од најголемите депонии во Скопскиот регион, дивата депонија во Визбегово, конечно по неколку децении почна да се расчистува. Според најавите на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, предвидено е во наредните триесет дена да се исчисти целата површина, која во моментов е претрупана со градежен шут и комунален отпад и се простира на 10 хектари, односно на 100 илјади метри квадратни.

Според првичните проценки, најверојатно од целата површина ќе бидат исчистени околу 50 илјади метри кубни комунален смет и шут. Откако ќе заврши процесот на исфрлање на складираниот отпад, според најавите, местото целосно ќе се израмни, ќе биде донесена нова и чиста земја, а потоа целиот простор ќе се преуреди и на него ќе биде засадено зеленило.

– Започнавме со расчистување на еден од повеќедецениските еколошки проблеми во Скопје, односно во неговата околина, а тоа е депонијата во Визбегово, која се наоѓа на границата помеѓу општините Бутел, Шуто Оризари и Чучер-Сандево. Ова е проблем што постои повеќе децении и кој предизвикуваше намалување на квалитетот на воздухот, бидејќи оваа депонија многу често беше предмет на запалување од несовесни граѓани – истакна Шилегов.

Тој посочи и дека досега на територија на Град Скопје исчистени се три други исто така поголеми депонии кои значително многу придонесуваа кон влошување на квалитетот на амбиенталниот воздух кој го дишат скопјани, поради нивно често спалување од несовесни граѓани. Станува збор за депониите во Мичурин, Кисела Вода и во Ѓорче Петров.

Откако ќе биде исчистена депонијата во Визбегово, градските власти најавуваат расчистување и на една од најкритичните точки во градот, односно на депонијата Вардариште.

Кога станува збор за расчистувањето на малите депонии, Шилегов посочи дека оваа појава е толку честа што како што истакна, расчистувањето на малите депонии станала рутинска работа на вработените на „Комунална хигиена“.

– Битката со малите депонии е секојдневна и таа за жал стана дел од редовната работа на ЈП „Комунална хигиена“. Според пресметките кои ги има направено јавното комунално претпријатие, околу 30.000 кубни метри отпад од најразличен вид се подигнати во изминатиов период, притоа не земајќи ја во предвид бројката на редовниот комунален отпад што секојдневно го исфрлаат граѓаните – заклучи Шилегов.

Првиот човек на Град Скопје истакна и дека ќе биде  засилен и инспекцискиот надзор.

– Барањето на Градот до Министерството за правда е и во измените од Кривичниот законик кои следуваат, кај луѓето кои се затекнати да прават дива депонија, да бидат одземани, како средства со кои е извршено кривичното дело, и камионите кои ги имаме видено на определени места дека тоа го прават – рече Шилегов и додаде дека со построга казнена политика со перманентен надзор на надлежните органи, ќе се спречи создавање вакви точки.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, пак истакна дека тие како Министерство имаат план за расчистување на дивите депонии, но за жал, како што рече, постојат нелегални депонии секаде низ државата, а нивниот број е многу тешко да се утврди.

– Имаме соработка со Швајцарската амбасада за депонијата Русино. Работиме во Северниот и во Североисточниот регион, имаме активности и на тој план, 39 камиони се веќе испорачани. И во Југоистокот и во Југозападот имаме активности во насока на креирање на централен систем за отпад – посочи Нуредини.

Според него, официјална бројка колку диви депонии има во државава нема, бидејќи станува збор за нелегални депонии.

На итната потреба за расчистувањето на дивата депонија во Визбегово алармираше Државниот инспекторат за животна средина, кој по пријава од граѓани извршија вонреден инспекциски надзор.

– Депонијата нелегално се полни со смет и постојано гори, ослободувајќи гасови што ги дразнат грлото и очите. Беше утврдено прекршување на Законот за управување со отпад. До депонијата се пристапува преку земјен пат што се одвојува од патот Визбегово-Шуто Оризари, а пристапот се контролира преку капија што се заклучува. Во моментот на надзорот капијата беше отворена, за да се пропушти камион кипер од општина Шуто Оризари да исфрли отпад – објаснуваат од Државниот инспекторат за животна средина.

Оттаму велат, на терен инспекторите утврдиле дека од двете страни на пристапниот пат се депонира градежен шут, комерцијален и индустриски отпад, додека на крајот од патот депонијата се проширува и завршува во огромна дупка што се исполнува со различни видови отпад, вклучително и комунален.

Итно да се среди дивата депонија во Визбегово

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот