Итно да се среди дивата депонија во Визбегово

По претставки од граѓани, Државниот инспекторат за животна средина извршил вонреден инспекциски надзор на „дивата“ депонија во Визбегово откако граѓаните се пожалиле до Инспекторатот дека депонијата нелегално се полни со смет и дека постојано гори, ослободувајќи гасови кои ги дразнат грлото и очите.

Инспекторатот, кој утврдил прекршување на Законот за управување со отпад  бара од градоначалниците на Општина Шуто Оризари и Град Скопје да преземат итни мерки за расчистување на депонијата и за соодветно уредување на земјиштето. Депонијата во Визбегово не смее да гори и мора да се исчисти, стои во соопштението до јавноста на Државниот Инспекторат.

До депонијата се пристапува преку земјен пат што се одвојува од патот Визбегово-Шуто Оризари, а пристапот се контролира преку капија што се заклучува, информираат од Инспекторатот но, во моментот на надзорот капијата била отворена, за да се пропушти камион кипер од општина Шуто Оризари да исфрли отпад.

Инспекторите утврдија дека од двете страни на пристапниот пат се депонира градежен шут, комерцијален и индустриски отпад, додека на крајот од патот депонијата се проширува и завршува во огромна дупка што се исполнува со различни видови отпад, вклучително и комунален. Долж патот, а особено на проширувањето на депонијата, беа видливи траги од опожарување.

Отпадот депониран покрај дупката тлееше на повеќе места. Беа присутни лица кои одделуваа пластика од депонираниот отпад. Возачот на камионот и лицето кое ја отворило капијата информираа дека киперот фрлил земја за да изврши прекривање на отпадот што се пали, но инспекторите утврдија дека земјата беше истурена покрај дупката.

Инспекторитите имале состанок со Градоначалникот на Општината Шуто Оризари, за да му укажат на законските обврски на општината според кои градоначалникот е должен да ја одржува јавната чистота и да постапува со напуштениот отпад во неурбанизираниот дел од општината. Градоначалникот одговорил дека депонирањето на отпад нелегално го вршат правни и физички лица и дека општината е немоќна тоа да го спречи.

Дивата депонија во близина на Визбегово со години претставува жешка еколошка точка во градот Скопје. На неа освен што се трупа со секаков вид на отпад, тој секојдневно се пали и со денови гори. Жителите на околните населби Чаир, Бутел и Визбегово во текот на целата година се жалат дека дишат чад и воздух што мириса на изгорена пластика од депонијата.

На почетокот на новиот мандат како министер за животна средина решавањето на проблемот го најави министерот Насер Нуредини откако со ребалансот на буџетот за таа намена беа предвидени 325.000 евра. „Ќе ѝ предложам на Владата да не се ангажира приватна фирма и да се одолговлекува со тендерски постапки, туку работите за чистење на депонијата да ги врши ЈП ‘Комунална хигиена’ на Град Скопје, кое располага со соодветна механизација“, изјави мнистерот Нуредини на 9 ноември. На терен до сега не се запошнати работите на расчистувањето на депонијата Визбегово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот