Обединетатa македонска дијаспора: Бараме нов американски фокус за економски развој на Балканот и Северна Македонија

Фото: МИА

Обединетатa македонска дијаспора (ОМД) упати честитки до Џозеф Бајден за стапувањето на должноста 46. претседател на САД и воедно и честита на Камала Харис, ќерка на имигранти од Јамајка и Индија, за нејзината историска улога во американската историја како прва жена потпретседател на САД, се вели во денешното соопштение на Организацијата.

ОМД е најголемата организација на македонските иселеници во Северна Америка, Европа и Австралија.

– Очекуваме соработка со Администрацијата на претседателот Бајден за да постигнеме вистинска и трајна промена на позицијата на Македонија во глобални рамки. Во последните неколку години, глобалниот статус на нашата земја длабоко страдаше поради недостаток на поддршка од Западот, околу дискриминаторските и ксенофобични напади насочени против нашата земји и македонскиот народ, велат од ОМД.

Организацијата посочува дека е во фаза на изработка на клучните цели кои треба да ги постигне во 2021 година.

– Критична цел ќе биде соработка со американските власти во насока на подобрување на инвестициите и економските можности за Македонија, како и потпишување и спроведување на Договорот за одбегнување на двојно оданочување помеѓу двете земји. Исто така, ќе бараме гаранции дека владата на САД нема да поддржува какви било политички ултиматуми од грчката и бугарската Влада насочени против Македонија, посочува ОМД.

ОМД нагласува дека ги поддржува напорите на властите во Скопје, „Македонија да го заземе заслуженото место во рамките на ЕУ и НАТО”.

– Но, не по секоја цена. Патот до НАТО не беше лесен, и истиот за жал резултираше со промена на името на земјата и поткопување на македонскиот идентитет. За жал, и покрај овие лоши отстапки што ги направи сегашната Влада, процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ и понатаму трпи одолговлекувања поради себичните барања на бугарската Влада и грчката Влада, велат од ОМД.

Посочувајќи дека на секои четири години, Американците имаат избор да свртат страница и да создадат нова иднина, претседателот на ОМД, Мето Колоски, изразува надеж дека претседателот Бајден и потпретседателката Камала Харис ќе ја стават економската дипломатија во фокусот на нивната Администрација со цел водење на прогресивна и инклузивна надворешна политика што ќе ги претставува правата на таа најскапоцена американска вредност – самоопределувањето.

Претседавач на ОМД, Стојан Николов исртакна дека Организацијата очекува Администрацијата на Бајден да игра поголема улога на Балканот и Југоисточна Европа.

– Градењето демократија, борбата против корупцијата и криминалот и заштитата на владеењето на правото се од клучно значење за регионот. Ние веруваме дека е потребен и нов американски фокус за унапредување на економскиот развој и создавање работни места со цел спречување на одливот на мозоци, изјави Николов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот