Новиот роман на Сашо Кокаланов е со наслов „Среќните луѓе не слават родендени“

Насловна корица на книгата во издание на „Или-или“

Издавачката куќа „Или-или“ од Скопје го објави романот „Среќните луѓе не слават родендени“ од Сашо Кокаланов, како книга бр. 225 во едицијата „ПРОаЗА“.

Новиот роман на Кокаланов е семејна драма за едно сиромашно семејство од Дримкол, инспирирана од вистинска приказна и претставува краток, згуснат книжевен запис кој на очигледен и нескриен начин кокетира со еден сосема поинаков јазик од книжевниот – филмскиот.

Романот не крие дека е роден како сценарио за филм, а потоа при метаморфозата авторот намерно настојува четивото да си го промени крзното, но не и ќудта. Динамиката на романот е повеќе од очигледно филмска.

– Описите се онолку детални колку што е потребно за да може природно убедливо, но и вехементно да бидат визуелизирани од читателот, а дејствието и сликите се менуваат – ајде да ја избегнеме фразата „како на филмско платно“ и да бидеме уште попрецизни – така што ќе му понудат привид на гледање филм снимен во еден кадар. Можеби оттука и одлуката на авторот приказната да ја раскаже Бернардовски, во еден пасус, во еден здив, со „претопи“ на фокусот од еден кон друг лик, изведени на еден иновативен јазичен манир – во една иста реченица.

Како што Дерида ќе каже во неговата теорија за книжевноста: „не постои ништо надвор од текстот“, така и за овој роман можеме да кажеме дека не постои ништо надвор од кадарот што текстуално е создаден пред нас, а сепак, севкупноста на делото, на крајот на читањето/гледањето нуди една јасна метафора за човечките судбини во времето што го живееме и поставува едно егзистенцијално прашање за човековата среќа и можноста да се биде среќен во времиња што се контекстуално несреќни – истакнуваат од „Или-или“.

Сашо Кокаланов е писател, сценарист, драмски автор, сатиричар, новинар. „Среќните луѓе не слават родендени“ е негов шести роман. Работи како професор по филмско и телевизиско сценарио на ФДУ во Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 210, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24.12.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот