Нови германски инвестиции во напредни батериски системи и во текстил
Во 2022 година размената меѓу двете земји тежела – 4,8 милијарди евра, што е ново повисоко рекордно ниво
Две нови инвестиции ќе го зголемат и онака богатото портфолио на веќе присутните германски компании во Македонија, најави на првиот брифинг со новинарите Антје Ванделт, директорка на АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските стопански комори во странство. Едната е на компанија која ќе произведува батерии за велосипеди, мопеди и други помали производи за индустријата. Ванделт не ја откри локацијата на новата инвестиција, но објасни дека таа за почеток ќе биде браунфилд, што значи дека ќе почне со производство во веќе постоен објект, сè додека не ѝ се изгради новиот погон. Другата инвестиција ќе биде за производство на текстил. Ванделт потсети и дека неодамна во Тетово беше отворена фабриката „Мултипарк Изаири“, која е членка на Македонско-германското стопанско здружение и е првата и досега единствена фабрика за бакарни кабли и цевки во земјава.
Препорачано
Изложувајќи го идниот фокус на нејзината работа, директорката Ванделт посочи дека ќе се работи на подобро позиционирање на македонските компании во глобалните синџири на снабдување и тоа не само на германскиот пазар, како и на проширување на извозниот асортиман не само во автомобилската индустрија, туку да се вложува во зеленета енергија и третманот на отпадот.
Инаку, Германија бележи пад на производството два квартали по ред и од завчера официјално е во рецесија, но според Ванделт, тоа нема да влијае негативно врз трговската размена со Македонија и воопшто на македонската економија, која е екстремно зависна од германската. Техничката рецесија, смета таа е „производ на намалената приватна потрошувачка, што не е случај само за Германија“. Ванделт во таа насока потсети дека во 2020 трговската размена помеѓу Германија и Македонија изнесувала 3,9 милијарди евра, а во 2022 година изнесувала – 4,8 милијарди евра, што е ново повисоко рекордно ниво.
– По ковидот, дојде енергетската криза. Германците се соочија со високи сметки за струја и греење, па затоа и се троши помалку за друга стока. Но летото е на прагот, температурите се зголемуваат, па верувам дека и сметките ќе се намалат, што ќе отвори простор за други трошоци – прокоментира Ванделт.
Ванделт најави дека во иднина во Македонија на цена ќе бидат механтроничарите и индустриските техничари, па тука ќе биде фокусот на идните паралелки од дуалното образование.
– За две недели откако сум овде, постојано имаме германски компании што се интересираат за деловната клима во земјава и можностите за инвестиции. Недостигот на стручни кадри се чувствува секаде. Кога бев во Латинска Америка, тамошните стручњаци заминуваа во САД, исто како што македонските, но и други работници заминуваат во Германија. Не е работата во тоа колкав е бројот на работници на кој можеме да се потпреме, туку колку тие се квалификувани. Треба да се инвестира во образованието и во професии за кои пазарот на труд има потреба. Треба да биде и јасно дека квалификуваните работници треба да бидат и добро платени – смета новата директорка на АХК.
Ванделт е особено позитивно изненадена од трговската размена на Германија и Северна Македонија и додадената вредност за целокупната економија. Според неа, географската близина со Германија е исто така голем плус за државава, особено од аспект на одржливите синџири на снабдување, бидејќи близината во однос на транспортот значи и намалување на емисиите на јаглерод диоксид.
Ванделт пристигна во Скопје минатиот понеделник. Има повеќе од 20 години работно искуство како директор на германските стопански комори во Латинска Америка, Перу и во Чиле.


