Новата студија открива: Луѓето родени во 90-тите имаат полошо ментално здравје од која било друга генерација

Фото: Pexels

Луѓето родени во 90-тите имаат полошо ментално здравје од која било претходна генерација, покажа новото истражување, пишува „Дејли мејл“. 

Истражувачите од Универзитетот во Сиднеј во Австралија користеле анкети за да го следат менталното здравје на речиси 30.000 возрасни лица во текот на една деценија.

Тие откриле дека најмладата генерација поминала најлошо, но и дека нивните емоционални проблеми покажале мало или никакво подобрување во текот на студијата, за разлика од постарите генерации.

„Пред сè, виновни се социјалните мрежи, поради кои учесниците се чувствувале како да не се доволно добри“, се заклучува во студијата.

Истражувачите, од 2010 до 2020 година, ги следеле луѓето родени во секоја деценија, почнувајќи од 1940-тите и завршувајќи во 1990-тите. Тие потоа го споредиле менталното здравје на секоја група.

„Долго постоеше сомнение дека луѓето во триесеттите се психички полоши во однос на оние во педесеттите. Ова е првпат тоа да е докажано“, рекол водечкиот автор на студијата, д-р Ричард Морис.

Доктор Питер Болдвин од Институтот „Блек догс“ тврди дека во голема мера е виновна технологијата. Тој објасни дека луѓето родени во 80-тите имале интернет, но родените во 90-тите имале и социјални мрежи, кои со себе донесоа „поплава“ од социјални споредби кои се многу штетни за менталното здравје.

„Младите сакаат да знаат дали се доволно добри. Она што младите мозоци навистина сакаат да го знаат е: ‘Дали припаѓам?’ и ‘Дали сум доволно добар?’ А ако отворите Инстаграм и видите 100 супермодели, спортисти и претприемачи, многу е тешко да се натпреварувате со нив“, додал тој.

Мета, која управува со Инстаграм и Фејсбук, беше тужена од 33 држави поради „придонесување кон кризата на менталното здравје кај младите“ со изложување на децата и тинејџерите во зависност од социјалните мрежи.

Друга студија покажа дека само 90 секунди гледање тенки, слаби тела на социјалните мрежи може да го влоши менталното здравје на младите жени.

Австралиското истражување беше објавено во списанието „Просидингс од нејшенл академи оф сајенсис“ (Proceedings of the National Academy of Sciences).

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот