Нов удар за ФИФА, и клубовите се против идејата Мундијалите да се играат на секои две години

ФИФА доби уште еден моќен противник во реализација на идејата СП да се игра на секои две години/ фото: EPA-EFE/STEFFEN SCHMIDT

Европските фудбалски клубови денеска ја обвинија Светската фудбалска федерација (ФИФА) дека ги крши законските обрски со тоа што ја форсира промената на форматот на Светското првенство кое наместо на четири би се одржувало на две години.

Во последните неколку недели, ФИФА води силна кампања за промена на форматот на Мундијалите, а својата идеја прво им ја презентира на поранешни фудбалери и притоа се обидува да ја добие поддршката на навивачите низ целиот свет.

ФИФА за својата идеја доби поддршка од фудбалските федерации на Африја и на Азија, но затоа има голем противник во најмоќните фудбалски федерации, Европската (УЕФА) и таа на Јужна Америка (Конмебол) кои најавија дека може да дури и да ги бојкотираат Мундијалите доколку се промени форматот.

За тоа што значи Светско првенство без репрезентациите од Европа и од Јужна Америка, најдобро покажува податокот дека досега титулата ја освојуваа само репрезентациите од овие два континенти.

Денеска ФИФА доби нов моќен противник во Асоцијацијата на европски клубови (ЕЦА) која ја претставуваат 234 екипи.

ЕЦА соопшти дека би поддржала поурамнотежен пристап во клупскиот и репрезентативниот фудбал така што би се намалил бројот на „прозори“ во годината за играчите кои играат за репрезентациите.
Клубовите исто така се загрижени и поради недостатокот на кооперативност од страна на ФИФА во  работата на календарот од 2024 година.

„ЕЦА со сериозна загриженост го следеше стартот на рекламната кампања на ФИФА. Очигледно е дека ФИФА сака брзо да ги заврши реформите во календарот, посебно со воведубање на Светско првенство на секои две години и тоа се случува со однапред одредени одлуки. Со тоа директно и еднострано се кршат одредени законски обврски. Освен недостаток на вистински или било какви консултации како што многу актери истакаа претходните денови, предлозите на ФИФА би довеле до директно и деструктивно влијание на клупскиот фудбал, домашен и меѓународен. Освен тоа, предлозите би го довеле во опасност здравјето на фудбалерите и би ја намалиле вредноста на клупските и домашните натпреварувања“, стои во соопштението на ЕЦА.

Исто така ЕЦА истакна дека новиот формат кој го форсира ФИФА ги направил проблеми и во календарот на женските натпреварувања.

„Сите одлуки поврзани со календарот на наптреварувања можат да се донесат само со согласност на фудбалските клубови, со обврска да се внимава на здравјето на фудбалерите и сето тоа да биде во склад со законите“, се наведува во соопштението на ЕЦА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот