Нов тренд: Да се роди второ дете 15-16 години по првото

Враќањето на пелени не е толку страшно, искуството многу помага, а придобивка е за мајката што бременоста на подоцнежна возраст ја подмладува.

Желбата да се биде мајка по втор пат некогаш може и задоцнето да се реализира. Во последно време станува тренд втората бременоста да се случи многу подоцна од првата, па разликата во годините меѓу децата да е и повеќе од 15 години. Причините заради кои родителите подоцна решаваат да добијат второ дете се различни, ризиците по плодот и поголемите компликации при бременоста, но сепак, искуството е единствено.

– Првиот пат останав трудна да речем непланирано, односно првото дете го родив на почетокот на студиите. Потоа некако немаше услови за второ дете, додека се заврши факултетот, додека да се најде стабилна работа, годините поминаа. Но сепак желбата да се има уште едно дете остана. Така сега едниот син ми е втора година на факултет додека другиот тргна во прво одделение, вели Катерина С. Од Скопје.

Даниела К. пак, се решила да роди второ дете 16 години по првото со цел да создаде проширено семејство во вториот брак.

– Јас имав дете од првиот брак, мојот сопруг исто така и сега имаме и едно заедничко, кое ни го спои целото семејство. Дефинитивно е потешко да се биде мајка на мало дете на 45 години отколку 10 или 15 години порано, но сепак придобивките од тоа се поголеми отколку дополнителната енергија која треба да се вложи – вели Даниела.

Пред 8-9 години кога одлучивме да имаме второ дете, воопшто не размислувавме дали е тоа тренд, за нас беше поважно како луѓе кои влегуваа во четвртата деценија од својот живот, да имаме барем уште едно дете, вели Ивона Т.

– Дотогаш имаше повеќе причини кои не одвраќаа од намерата. Знаете… немање стабилно вработување, нерешено станбено прашање, искрено, и нашите професионални кариери беа во подем, а згора на сето тоа и првото дете не сакаше брат или сестра додека беше во пубертет. Разликата меѓу првата и втората бременост беше 16,5 години, а најголемото изненадување за нас, а и за гинекологот (хахахаха), беше тоа што втората бременост беше близначка…Одеднаш семејството од тричлено ни се прошири на петточлено – вели Ивона.

Нејзиното искуство вели дека бременоста била посложена, отколку негата која после требала да им се пружи на двајца мали немирковци и тоа истовремено. Брзо ја надминале збунетоста и направиле комплетната преорганизација на животите, на приоритетите и на просторот во кој живееле.

– Тука секако беше и безрезервната помош од нашите родители на кои сме им многу благодарни. Прашањата за потешко и полесно и за тоа, како е човек одново да се врати на менување пелени, како и да не постоеја. Мислам дека се забавувавме овој пат сите, веројатно поради возраста, и секојдневните обврски околу близнаците поинаку ги сфаќавме. Дури и физичката исцрпеност од непроспиените ноќи и сите постпородилни сложени ситуации до втората година ги заборавивме. Знаете што ми изгледаше најстрашна работа на свет? Кога ќе требаше да излеземе со „куфер“ на обична пладневна прошетка, па уште и со двојна количка, два кенгури, подоцна два велосипеди. Да, да, сум заборавила дека имаше и тешки моменти, особено, лични откажувања од многу работи (при тоа тука не ги бројам материјалните аспекти), но толку брзо растат, толку се мили и искрени децата кога споделуваат љубов, толку ве облагородуваат, што, навистина вреди човек да го напушти својот еготрип и несебично да се посвети на децата. Сите откажувања вредеа! Денес сме пресреќни што имаме три прекрасни чеда, со сосем различни персоналитети, и што секој од нив ни дава можност да ѕирнеме во три посебни света. Просто, за нас се совршени – вели Ивона.

Гинекологот Адела Стефанија од Клиниката за гинекологија вели дека во последниве години покрај тоа што има се поголем број на жени кои решаваат да станат мајки за прв пат на возраст од 35 до 39 години, има и такви кои втората бременост ја реализираат многу подоцна од првата.

– Некогаш оваа бременост се случува по природен пат, но сепак има и случаи кога не можеле второто дете да го зачнат по природен пат, но сепак сакале да го имаат, па се решиле за ин витро. Сепак жените кои сакаат да имаат второ дете, а ја одложуваат бременоста, треба да се свесни дека нивната репродуктивна функција значително се намалува по 35, а особено по 40 година. Она што го слушате дека некој станал мајка на 43, 45 или 48 години тоа речиси секогаш е по пат на ин витро – вели Стефанија.

Таа потенцира дека овие бремености треба да се следат поинтензивно, бидејќи почесто се јавуваат компликации, дека е поголем ризикот од раѓање на плод со неодредени генетски аномалии и дека треба да се прават повеќе тестови за нивно рано откривање. Кај повозрасните мајки, особено оние после 35 година почесто се јавува дијабетес, висок крвен притисок што доведува до појава на преекламсија, предвремено породување. Трудниците по 35 година се следат и по посебни протоколи.

– Интересен податок е дека жени кои раѓаат во поодмината возраст имаат подолг животен век и кај нив постои помала веројатност од појава на заболувања поврзани со губење на помнењето, како што е алцјахмеровата болест – вели Стефанија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот