„Слободен печат“ во Амстердам: „Ноќна стража“ за Пандев

Фото: EPA-EFE/Vadim Ghirda

На двете средби капитенот имаше по двајца чувари, „ноќната стража“ ќе продолжи и во Амстердам во неговиот евентуално последен настап за Македонија, ако повредата не го спречи да настапи. На подолги патеки го „чуваат“ да остане во тимот и соиграчите, кои апелираат да продолжи да игра.

Од нашиот специјален известувач
Милорад Стојмановски

 

Иако последниот натпревар во групата Ц од 16. Европско првенство во фудбал „нема резултатско значење“, затоа што Холандија обезбеди пласман во осминафиналето, а Македонија ги загуби шансите по двата пораза, и за едните и за другите не е сеедно дали ќе се сочува позитивниот впечаток што го оставија фудбалерите на двете репрезентации по првите две кола.

Ослободени од притисокот, најдобрите македонски фудбалери, против домаќинот треба да одиграат, не само едно, туку две добри полувремиња. Со тоа ќе го задржат поволниот впечаток што го оставија, и покрај двата доживеани порази, а од изјавите на „лалињата“ може да се заклучи дека не смее да се „распродава“ угледот со евентуални калкулации заради бирање полесен противник во нокаут-фазата и играње со втор тим, каков што совет доби холандскиот селектор Франк Де Бур.

Фото: ФФМ

Прошетка по каналите на Амстердам

„Тајната вечера“ на селекторот Игор Ангеловски и капитенот Горан Пандев што ја уловија романските папараци во Букурешт и прошетката на репрезентативците по каналите на Амстердам со туристичко бротче укажуваат дека, сепак, атмосферата во македонската репрезентација сега е поопуштена во споредба со таа пред средбите што се одиграа во Букурешт, кога загубивме од Австрија (1-3) и Украина (1-2). И на тренинзите некои од клучните и играчите со мали повреди работеа под посебен, олеснет режим, со цел да закрепнат, а Пандев не тренираше на првите два тренинга поради болки во глуждот. Натпреварот против Украина го одигра под терапија со инјекции.

Фото: ФФМ

Нашиот најдобар играч на двете средби имаше по двајца чувари, па сепак на првиот натпревар постигна гол, а на вториот изнуди пенал. „Ноќната стража“ врз нашиот напаѓач ќе продолжи и во Амстердам, се разбира ако повредата не го спречи да игра. Во неговиот евентуално последен настап во дресот на Македонија (од претходно најавуваше дека по „Евро 2020“ можеби ќе се повлече од активното играње фудбал) за него ќе водат сметка дефанзивците на Холандија, но уште отсега го „чуваат“ и соиграчите со апелите да продолжи да игра.

– Не знам дали на бате Горан ќе му биде последен меч, зашто и по ова Европско имаме важни мечеви, нѐ чекаат квалификации за Светско првенство, и јас се надевам дека ќе остане со нас. Не би сакал да оди во пензија. Ако тоа се случи, би сакале да го испратиме на прекрасен начин, знам дека ќе биде среќен, како и сите ние. Ама, јас посакувам и се надевам дека нема да се откаже по овој меч со Холандија – изјави Елиф Елмас.

Фото: ФФМ

Централниот дефанзивец, Висар Муслиу смета дека само со добра и тимска игра би можеле да се спречат опасните напади на домаќините.

– Без разлика на поразите, ние сме мотивирани, ние овде ја претставуваме Македонија. Само со тимска одбрана и тимски дух, она што е наша карактеристика, можеме да ги спречиме налетите на Холандија – изјави Висар Муслиу.

Три измени во холандскиот состав?

Далеј Блинд, еден од најискусните фудбалери во составот на Холандија смета дека не треба несериозно да влезат во пресметката со Македонија.

– Сакаме победа со Македонија, зашто е многу важно за нашата самодоверба. Треба да го задржиме тоа позитивно чувство – вели Блинд.

Фото: EPA-EFE/Olaf Kraak

Според последните сознанија, Де Бур сепак ќе настапи со формацијата со која играше на првите две средби – 5-3-2, иако во земјата-лулка на т.н. тотален фудбал, беше критикуван поради дефанзивнот пристап. Ги напушти почетните размислувања во тимот да вклучи тројца напаѓачи, зашто не сака да ја менува тактиката со која победи во првите две кола.

– Можеби против Македонија ќе играме во формацијата 4-3-3. Но ќе размислиме околу тоа, затоа што Македонија игра со пет фудбалери во последната линија. Јасно е дека ќе има и промени во составот, некои ќе ги одмориме за осминафиналето, но во секој случај ќе мора добро сѐ да измериме затоа што сакаме во позитивно расположение и со позитивен резултат да одиме во осминафиналето. Главно веќе знам како ќе играме на последниот натпревар од групата, но останува уште време нешто дополнително да се размисли – вели Де Бур.

Фото: EPA-EFE/John Thys

Од холандските медиуми дознаваме дека единствените дилеми кај него се дали Натан Аке од Манчестер сити ќе игра на местото на Далеј Блинд, ако се одмора Мартин де Рон во средниот ред ќе игра Рајан Хравенберх од Ајакс, а новиот член на Барселона, Мемфис Депај, да биде заменет Донјел Мален.

Натпреварот в понеделник се игра од 18 часот, а ќе суди романскиот арбитер Иштван Ковач. Навивачите што пристигаат овие два дена во Амстердам ќе треба да направат задолжителен брз антигенски ковид-тест за да им биде дозволено присуство на „Јохан Кројф“ арената.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот