Ништо не покажува дека режимот на Путин е разнишан, вели првиот човек на германската тајна служба

Ниту 15 месеци по почетокот на војната на Русија против Украина, германската тајна служба БНД нема индикации дека е можна дестабилизација на режимот на рускиот претседател Владимир Путин.

Првиот човек на БНД Бруно Кал наведува дека и покрај индивидуалните критики, како онаа поврзана со пребавната испорака на муниција, нема индикации дека системот во Кремљ е потресен или дека може да падне, јавио ДПА.

Тој вели дека, сепак, не може целосно да се исклучи пад на режимот.

„Русија се уште е способна да води долготрајна војна, особено затоа што регрутираше нови војници и го обезбеди неопходното оружје и муниција“, рече Кал во Федералната академија за безбедносна политика во Берлин.

Поради сето ова, тој смета дека не станува збор за слабости на руската армија или дека нејзините активности би можеле да бидат прекинати. Тој додава дека се уште има слаби точки и можни изненадувања што се однесува до можностите на вооружените сили.

Тој предупреди дека Путин би можел да има успех со својата стратегија да се потпре на времето како фактор и масата сили, доколку Западот доволно не ја поддржи Украина и не организира отпор.

Кал истакна дека приближно 14 дена пред почетокот на војната, БНД идентификуваше феномени кои не може да се толкуваат поинаку од тоа дека Русија ќе започне војна против Украина и ги отфрли како неоправдани критиките дека тајните служби на САД и Велика Британија многу пред БНД знаеле дека ќе почне војна.

Тој објасни дека тие служби ја предвиделе веројатноста за избувнување на војна врз основа на одредени критериуми и трендови што ги анализирале.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот