Николовски на средба со претставници на лозарите од Тиквешијата: Најмалку 12.000 денари по хектар поддршка за произведено винско и трпезно грозје

Фото: МЗШВ

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски заедно со државниот советник за рурален развој, Трајан Димковски, денеска одржаа средба со претставници на лозарите од Тиквешијата.

Денешната средба доаѓа по вчерашното упатено барање до министерот од група лозари за средба, на која се слушнале и детaлно се разгледале нивните барања.

– Барањето на групата лозари до министерството беше да се креира интервентна мерка од пет денари за предадено винско грозје. Од страна на министерот Николовски и државниот советник Димковски, пред лозарите на средбата детално беше презентиран предлогот кој е даден до подсекторската група за најмалку 12.000 денари по хектар поддршка на лозарите за произведено винско и трпезно грозје, соопштија денеска од МЗШВ.

Со ваквата предлог мерка за поддршка по хектар произведено грозје, се посочува во соопштението, се дава поддршка на сите лозари. Поради болеста оваа година штета по родот претрпеа сите лозаропроизводители, па оттука, стои во соопштението, како министерство сметаме дека чесно и правично е поддршката да ги опфати сите лозаропроизводители.

На состанокот заеднички бил донесен заклучок дека од интерес на лозарите е поддршката на Министерството да биде по хектар произведено грозје. На состанокот е договорено, до крајот на октомври, по завршување на сите потребни анализи за трошоците, на нова средба заедно со лозарите да биде дефиниран и износот на поддршка по хектар.

Министерот Љупчо Николовски на средбата ги информирал лозарите за новиот закон за вино, што е подготвен и се наоѓа во собраниска процедура, каде точно се утврдува начинот за креирање на откупнате цена на грозјето. Тој побарал поддршка од лозарите за заеднички да се направи притисок до крајот на оваа година овој важен закон биде донесен од страна на Собранието.

Исто така, Николовски информирал дека во завршна фаза се активностите за модернизација на системот за наводнување Марена, кој се очекува до крајот на оваа година да биде завршен во целост со поставување на шест нови пумпи. Лозарите веќе од следната сезона ќе можат без проблем да го користат овој систем за наводнување.

– Како министерство сите овие години во дело сме докажале дека сме искрен партнер на лозарите. Дека се грижиме и даваме поддршка за секој еден земјоделец. Ние сме министерство кое ги слуша земјоделците и своите одлуки секогаш ги носи во директна консултација со земјоделците и постојаните подсекторски групи на министерството, се подвлекува во соопштението од МСШВ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот