Независниот театар „Златен Елец“ прославува шест години со изведба на повеќе свои претстави
Шест години од започнувањето со работа на независниот театар „Златен Елец“ се навршуваат овој февруари 2026 година, кој беше основан во 2020 година и до сега има достигнато бројни резултати и успеси.
Препорачано
Театарот „Златен Елец“ во овие шест години ги постави претставите „Не ми го чепкај пивото“ и трите монодрами „Дневникот на лудиот“ во режија на Ѓорѓи Ризески, „Шапка, чоколадо, анус и уште нешто“ во режија на Ана Батева, претставите за деца, стендап настапите односно шоуто во изведба и авторство на Надица Петрова и продукциите во режија на наградената режисерка Тамара Стојаноска: „Грета“, „Разнесени“, „Пингвинот“, „Добри луѓе“, „Хинкеман“, „Сина сенка“ како и најнаградуваната претстава „Кенди“, после „Дневникот на лудиот“ во изведба на Бобан Алексоски.
– Наградите и успехот на претставите се само поттик за поголема храброст и работа – велат од Театар „Златен Елец“ на кои годинава им припадна честа да ја напишат македонската порака по повод Светскиот ден на театарот, а избрани се од Интернационалниот театарски институт во Македонија.
На 23-ти февруари во Младинскиот културен центар во Скопје ќе биде одиграна најновата претстава „Сина сенка“ во режија на Тамара Стојаноска од авторот Брајан Рејнолдс, каде играат актерите: Кристијан Танчевски, Мина Јелушиќ Јериниќ, Бобан Алексоски, Сара Спиркоска, Ане Блажовски, Ема Лазарова, Кристијан Петковски и Стефан Арсиќ, музиката е на Мајкл Хукер и Лука Тошев.

Потоа на 27-ми февруари во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес на репертоарот е претставата „Добри луѓе“ според Данкан Мекмилан во режија на Тамара Стојаноска. Во оваа дуодрама играат Тијана Трајчевска и Филип Христовски, продуцент е актерот и еден од основачите Бобан Алексоски.
На 28-ми февруари во МКЦ Скопје ќе се одигра „Хинкеман“ од Ернст Толер, исто во режија на Тамара Стојаноска, каде играат: Бобан Алексоски, Филип Христовски, Надица Петрова, Талија Настова, Ане Блажовски, Бранко Михајлоски и Леонида Гулевска, музиката е на Лука Тошев. Сите изведби се со почеток во 20 часот.

Претходно на 19-ти февруари, актерката Надица Петрова со своето театарско шоу ќе настапи во Охрид, а на 1-ви март повторно на репертоар после подолго време е претставата за деца „Чудесниот напиток“ во „Јавна соба“ во Скопје со почеток во 18 часот.
Следните месеци продолжуваат со репризи, гостувања и учества на фестивали со претставите.
Театар „Златен Елец“ оваа година ќе има премиери на претставите „Теорема“ според Пјер Паоло Пазолини во режија на Мирко Радоњиќ и дуодрамата „Свињи“ од Томислав Зајец во режија на Тамара Стојаноска. Во план се уште неколку нови активности и продукции – известуваат основачите на театарот.


