Независната музичка сцена го изразува своето незадоволство со настанот „Сите за МКЦ!“

Граѓански настан во форма на музички собир во одбрана на МКЦ со мото „Сите за МКЦ!“ ќе се одржи на платото пред МКЦ на 22 јануари (недела), со почеток во 12 часот на пладне. Организатор на настанот е колективот „Гола планина“.

Организаторите ги покануваат сите ентузијасти и љубители на независната култура заедно да го изјават незадоволството од случувањата поврзани со промената на директорот во Младинскиот културен центар, а поканата е во форма на проглас и ја пренесуваме во целост.

БОРБАТА Е…

Борбата е за квалитетни услови на уметничка креација која не спаѓа во ексклузивно популарната сфера, за градските институции да не си играат со уметниците и оние кои го овозможуваат нејзиниот процут, бидејќи инаку ќе згасне младата уметничка експресија.

Се бориме за сите оние фестивали и концерти во МКЦ кои се случиле во последниве 50 години и сите оние кои сакаме да се случуваат во иднината.

Се бориме за сите спомени (остварени и сѐ уште неостварени), за минатото и за иднината.

СРАМОТА Е!

Срамота е да се скрати буџетот на МКЦ за 92 проценти!

Срамота е форсираното политизирање на една од најлегитимните и најработливите културни установи во Македонија.

Срамота е постојаниот обид за угнетување на оние кои уживаат во правење и восприемање на уметност различна од популарната, посебно на младите кои се борат за трошките.

МКЦ Е ЗА СИТЕ!

МКЦ е она што нè држи живи.

МКЦ не го заслужува ова, не заслужува еден ваков ветеран да биде изеден од забот на времето и алчноста.

МКЦ е повеќе култура од сите квази култури кои се понудени на граѓаните.

МКЦ не е само Скопје, МКЦ е Македонија, МКЦ е Европа, МКЦ е млади и стари.

МКЦ е светилник на нашата култура.

Ние не се бориме за директорското место, за политички партии и избори, се бориме за „Здраво млади“, се бориме за „Синедејс“, се бориме за сите оние фестивали и концерти во МКЦ кои се случиле во последниве 50 години.

Нема да дозволиме да ни го земете, наше е!!! – потенцираат организаторите на настанот.

На музичкиот собир ќе настапат S.A.M, „Cut Your Nipple“, „Lufthansa“, Дина Јашари, „Новиот почеток“, „Shock Troopers“, „Yöu“, „Хајка“, „Dope Kukjata“ и други бендови од независната сцена. Предвидено е настанот да трае од 12 до 16 часот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот