Невидено насилство во малолетничкиот затвор во Охрид: Затворски чувар со „француски клуч“ тепал деца!?

Насилство врз деца, илустрација/Фото: МИА

На 9 септември 2020 година околу 3 часот, во собата на 19-годишникот насилно влегле осудениците Ч. и С. и се обиделе да извршат обљуба врз него – соопштила Управата за санкции, која за настанот го известила јавниот обвинител.

Двајца малолетници, осудени на казна затвор, санкција што ја издржуваат во охридскиот затвор, биле жртви на насилство од припадник на затворската полиција. Чуварот им ги удирал главите од вратата на ќелијата, ги тепал со „француски клуч“, а ги удирал и со дрвен предмет по грбовите.

И порано децата биле жртви на насилство во оваа институција, па им била укажана медицинска помош од лекар во самиот затвор. Децата неколкупати пријавувале кај директорот дека претрпеле насилство, но досега нивните пријави не дале посебен резултат. Ова невидено насилство и тортура во малолетничкиот затвор во Охрид е нотиран во најновиот извештај на Хелсиншкиот комитет.

„За време на разговорот децата побараа веднаш да се повика лекар, бидејќи ден претходно претрпеле насилство и не се чувствуваа добро. Тоа за време на посетата не им беше овозможено со објаснување дека ја смениле изјавата и дека не им треба повеќе лекар“, се вели во извештајот.

На повремено насилство и употреба на сила од затворската полиција се пожалиле и некои од другите осудени лица. Тие не пријавиле поради страв дека во иднина ќе се соочат со зголемено насилство.

Тимот на Македонското здружение на млади правници и Хелсиншкиот комитет за човекови права ја известиле Управата за извршување санкции да преземе вонреден надзор и да ги испита околностите на случајот и да преземе соодветни мерки.

По пријавеното насилство врз децата, Управата за извршување санкции на 16 септември 2020 година во билтенот на МВР излегла со следните сознанија: „На 15 септември 2020 година во 10:45 часот во СВР Охрид, вработен во Казнено-поправната установа Затвор Охрид, заедно со 19-годишник од Струмица, кој издржува казна во затворот, пријавиле дека на 9 септември 2020 година околу 3 часот, во собата на 19-годишникот насилно влегле осудениците Ч. и С. и се обиделе да извршат обљуба врз него. За настанот бил запознаен јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.“

Тимот на Хелсиншки комитет за време на посетата спроведена на 13 септември 2020 година воопшто не бил известен за ваков настан. Му било речено дека во претходниот период немало некои значителни проблеми, ниту поплаки.

„Во установата има и едно дете кое издржува воспитно-поправна мерка – упатување во воспитно-поправен дом и е лице со интелектуална попреченост, за кое е потребна посебна нега. Тоа повремено трпи физичко и психичко насилство од другите лица што издржуваат мерка во установата“, известуваат од Хелсиншкиот комитет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот