„Нетфликс“ откри како ќе го спречи споделувањето лозинки во иднина

Долго време, „Нетфликс“ имаше лежерен пристап кон луѓето кои споделуваат лозинки и профили. Иако официјално е забрането со правилата, компанијата генерално дозволила да се користат профили во различни домаќинства и на различни локации. Сепак, за прв пат по 10 години, во последните месеци компанијата забележа пад на приходите и намалување на бројот на претплатници.
„Нетфликс“ неодамна најави промени во моделите за претплата за да се спречи споделувањето на лозинките. Досега не се знаеше како платформата ќе ги спречи корисниците да ги споделат своите лозинки, но сега тоа е познато.
За да добијат постојан пристап до „Нетфликс“, корисниците треба да се приклучат на интернет-мрежа на главната локација, да ја отворат апликацијата или веб-страницата на „Нетфликс“ и да гледаат нешто од оваа локација барем еднаш на секој 31 ден. Така оваа локација ќе стане основна, а корисниците ќе може да гледаат содржини и од други локации во меѓувреме, стои во известувањето од компанијата, пишува „Мashable“.
Тоа значи дека доколку патувате, ќе може да гледате „Нетфликс“ со вклучување во профилот, но доколку сте на различна локација подолго време, вашиот уред може да нема пристап до платформата. Во овој случај, корисникот ќе може да побара привремен код кој треба да биде внесен за да продолжи со гледање.
Веб-страницата „Мashable“ посочува дека документот во кој компанијата го објаснува ова повеќе не е достапен, што значи дека „Нетфликс“ може да смени некои детали пред да почне да ја применува мерката за спречување споделување лозинки.
ВИДЕО | 200.000 долари за најдобриот дизајнер: Џиџи Хадид дел од популарното модно шоу на Нетфликс