Несовесни планинари ја оставиле вратата отворена: Кулата на Титов врв нема услови за престој бидејќи внатрешноста е полна со снег

Фото: МИА

Несовесни планинари ја оставиле отворена вратата од кулата на Титов врв, па поради тоа во внатрешноста е навлезена поголема количина снег. Сега вратата не ни може да се затвори и објектот да се користи, алармираат од планинарскиот клуб „Аргентус Монт” од Тетово. Поради тоа тие предупредуват дека во Кулата овој зимски период сега нема услови за престој.

– Планинарската Кула на Титов врв е со функција на планинарско засолниште за сите планинари во било која доба од денот и во било кое време од годината и затоа од клубот бараат поголема совесност. Тие несовесни планинари на овој начин ја загрозуваат безбедноста на другите планинари кои се решиле во зимски услови да отидат до врвот верувајќи дека во Кулата ќе се засолнат. Ги замолуваме сите планинарски клубови на своите членови да им укажат на совесно однесување при престој во Кулата на Титов врв, посочуваат од ПК „Аргентус Монт”.

Со вакви постапки се девалвираат напорите на дел од членовите на „Аргентус Монт” кои пет години, носејќи материјали на раце, работат на обнова на Кулата. Во овој период тие ставија врата, прозорци, направија обнова на ѕидовите и внатрешноста, поставија инвентар и уште многу други работи со цел да биде безбедна и пријатна за престој, дури и во најлоши временски услови.

– Вратата ја направивме без квака и клуч, да се затвора на наједноставен начин, да се повлече и прицврсти со рајбер. Имаме поставено и молба, напишана на македонски, албански и англиски јазик, по излегувањето да се затвори вратата. Но, сепак, и понатаму има поединци, несовесни планинари кои неколку пати ја оставаат врата отворена во различни годишни времиња. Кога беше запуштената Кулата до 2016 година, без врата и прозори, со дупки по ѕидовите, тогаш фуреа ветрови, во зима беше полна со снег и речиси ниту еден планинар не се осудуваше да отиде во нестабилни временски услови и во зимско време на Титов врв. Токму ваквата реновирана Кула последниве години масовно ги охрабри на многумина планинари да се решат да се искачат до Титов врв, велат од клубот.

Друга форма на несовесност е оставањето на отпадоците, за што, исто така, од клубот честопати апелираат сметот да се носи до градовите и таму да се фрли во соодветни канти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот