Неодолив десерт на Стефанија Несторовска – овесни барови со тиква и чоколадо

Фото: Приватна архива

Благодарение на вештите раце и инвентивноста на Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, секогаш имаме можност да пробаме нешто интересно и несекојдневно. Стефанија овој пат ни приготви овесни барови од тиква и чоколадни парчиња.

Состојки:

– 2 филџани (450 г) пире од тиква
– 2 јајца
– 1 филџан (240 мл) млеко од бадем
– 1/2 филџан (160 г) јаворов сируп
– 1/2 лажичка ванила екстракт
– 2+1/2 филџан (225 г) овес, крупен
– 2 лажички прашок за печиво
– 2 лажички цимет
– 1/2 филџан (85 г) чоколадни парчиња + еден грст за топинг

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Се загрева рерната на 170 степени и се поставува хартија за печење на калап за печење. Јас користев сад со димензии 20х20.
Во голем длабок сад се додаваат пирето од тиква, јајцата, млеко од бадем, ванила и јаворов сируп. Се промешува сѐ додека не се соединат состојките.
На оваа смеса, во истиот сад се додаваат и сите останати состојки освен чоколадните парчиња. Се промешува. Смесата треба да биде прилично течна. Ако ви излезе многу густа, додајте уште 1/4 филџан млеко.
На крај се додаваат и чоколадните парчиња и се распоредуваат низ смесата.
Се додава смесата во калапот за печење.
Се додаваат и остатокот од чоколадните парчиња на површината од колачот.
Се пече 35 минути.
Се остава да се излади пред да се исече на барови. Додека е уште топло, ќе биде меко и ќе се распаѓа, затоа е многу важно да го оставите да се излади пред да сечете. Не е лошо ни така распаднато, но ако сакате барови – тогаш задолжително следете го овој чекор.

Фото: Приватна архива

Забелешки и совети:

→ Можете слободно да користите и ситен овес, но моја препорака за овој рецепт е да набавите крупен овес за најдобри резултати.

→ Јаворовиот сируп може да се замени со кој било друг течен засладувач.

→ Ако сакате да ви биде ова опција за појадок – би ви препорачала да намалите на чоколадните парчиња во составот – за мене лично вака е одличен десерт, но јас сакам понеутрален појадок, па дури и кога е благ.

→ Наместо чоколадни парчиња може да користите сечкани јаткасти плодови (ореви би биле идеални во оваа комбинација), кокос и слично…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот