Необична операција во Чикаго: Ѝ пресадиле нови бели дробови откако Ковид-19 ги уништил нејзините

Пациентката од Чикаго е во 20-тите години од животот и била на респиратор и машина за срце и бели дробови речиси два месеца пред операцијата.

За време на необична хируршка операција во Чикаго, доктори пресадиле нови бели дробови на млада Американка, откако претходно нејзините биле целосно оштетени од Ковид-19, пренесува Тајм. 

Според овие информации, операцијата е извршена минатиот петок во болницата „Нортвестерн медисин“. Само неколку други луѓе што го преживеале Ковид-19, во Кина и во Европа, добиле нови бели дробови.

Пациентката од Чикаго е во 20-тите години од животот и била на респиратор и машина за срце и бели дробови речиси два месеца пред операцијата.

Операцијата траела 10 часа и била предизвикувачка бидејќи вирусот ѝ ги оставил белите дробови со дупки и речиси споени со градниот кош, истакнал лекарот Анкит Барат, кој ја извршил операцијата.

Пациентката останала на респиратор додека нејзиното тело закрепнува, но се чувствува доволно добро за да разговара со родителите преку видеоповик и лекарите велат дека нејзините шанси за нормален живот се добри.

– Очекуваме целосно да закрепне – вели доктор Раде Томиќ, директор на програмата за трансплантација на бели дробови во болницата.

Идентитетот на пациентката остана непознат за јавноста, но Барат истакна дека неодамна се преселила во Чикаго од Северна Каролина за да биде со нејзиното момче. Инаку, била прилично здрава, но нејзината состојба брзо се влошила откако била хоспитализирана кон крајот на април. Лекарите чекале шест недели нејзиното тело да се исчисти од вирусот пред да почнат да размислуваат за трансплантација.

Од речиси 40.000 трансплантирани органи во САД минатата година, бели дробови биле само 7 отсто. Тие се наоѓаат тешко и пациентите често со недели чекаат на листите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот