Некои приватни превозници возат редуцирано, ЈСП им должи 600.000 евра

Фото: „Слобода превоз“

Од почетокот на неделава, приватните превозници кои ги опслужуваат линиите 23 и 45 возеле со намален број возила, а деновиве корисниците забележаче намален број автобуси и на други линии низ Скопје

Приватните автобуски превозници во Скопје повторно превезуваат патници по редуциран возен ред – велат дека причина се финансиските проблеми што ги имаат поради нередовната исплата од ЈСП „Скопје“, односно од Град Скопје за услугата што ја вршат.

Од почетокот на неделава, приватните превозници кои ги опслужуваат линиите 23 и 45 возеле со намален број возила, а деновиве корисниците забележаче намален број автобуси и на други линии низ Скопје.

„Не по наша вина, туку поради тоа што немавме доволно средства, автобусите на некои автобуските линии возеа редуцирано. Причина за тоа е лошата финансиска состојба во која се наоѓаме. Се надевам дека овој проблем наскоро ќе се реши бидејќи деновиве добивме дел од средствата што требаше да ни ги исплатат од ЈСП „Скопје“ со поддршка на Град Скопје, вели Ленин Јовановски од здружението на приватни превозници „Слобода превоз“.

Јовановски меѓу другото информира и дека превозниците оствариле средба со надлежните на која било договорено дека до петок повторно ќе им се исплатат дел од средствата што им ги должат за услугите што ги вршат и за на тој начин превозниците да имаат можност да продолжат и натаму редовно да си ги извршуваат обврските и да ги превезуваат патниците редовно, според однапред утврдениот возен ред.

Според првиот човек на „Слобода превоз“, тие се надеваат дека како што е договорено, до петок ќе добијат дел од парите, а потоа дека редовно ќе добиваат надоместок според договорот што го имаат склучено со надлежните. Така, како што вели Јовановски, ќе бидат во можност непречено да вршат превоз на патници.

„Во обид да им излеземе пресрет на патниците, во соработка со ЈСП „Скопје“ договоривме нивни автобуси да возат по линијата со број 23 и на тој начин патниците да можат редовно и навремено да се превезуваат“, информира тој.

Доколку до петок не се исполни ветеното и не се исплатат средствата што во моментов им ги должат ЈСП и Град Скопје, приватните превозници најавуваат дека дел од нивните автобуси нема да бидат во можност да превезуваат патници, поради како што велат, финансиската немоќ и неможноста да наполнат гориво во автобусите.

„Во секој случај, патниците навремено ќе бидат информирани за секоја наша одлука“, додава Јовановски.

Инаку, ова не е првпат приватните автобуски превозници да не превезуваат патници по утврдениот возен ред, а тие веќе подолг временски период се жалат дека не ги добиваат навремено парите од Градот за услугата што ја вршат.

Од ЈСП потврдуваат дека на терен четири нивни автобуси сообраќаат на посочените линии, нагласувајќи притоа дека за нив е важно да нема прекин во функционирање на линиите.

“Во моментов кон „Слобода превоз“ има отворен долг од 37 милиони денари што се сервисира според утврдена динамика, додека со „Макекспрес“ ќе се знае по ревидирањето, со оглед на тоа што превозникот со месеци не ја испорачува во целост услугата согласно склучениот договор за вршење на јавен превоз. Јавното сообраќајно претпријатие располага со соодветен број возила за опслужување на сите линии дел од градскиот јавниот превоз“, велат од ЈСП „Скопје“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот