Недостатокот на овој витамин предизвикува проблеми со срцето: Проверете дали доволно го внесувате

Фото: Профимедиа

Според една неодамнешна студија објавена во списанието „Nutrients“, недостатокот на витамин Б12 може да доведе до зголемен холестерол и триглицериди.

Витаминот Б12 е важен за одржување на нивото на енергија и издржливост. За да обезбедите доволна количина (2,4 микрограми на ден), додајте во вашата исхрана производи од животинско потекло како месо, риба, јајца и млечни производи. Една неодамнешна студија во списанието „Nutrients“ го открива односот помеѓу нивото на витамин Б12 и липидниот профил (видови на масти кои се наоѓаат во крвта).

Научниците испитувале 341 здрава жена на возраст од 19 до 30 години и собрале податоци за нивната исхрана, физичка активност и нивото на витамини. Тие откриле дека ниските нивоа на витамин Б12 се поврзани со повисоки нивоа на вкупниот холестерол, ЛДЛ (лош) холестерол и триглицеридите, дури и по прилагодувањето на ефектите коишто индексот на телесна маса, маснотиите на стомакот и вкупниот процент на телесни масти ги имаат врз телото.

Причината е важна, рекла Лиз Вајнанди, Р.Д., диететичарка од Медицинскиот центар на Државниот универзитет Векснер во Охајо, која не беше вклучена во студијата. Таа рекла дека за мажите и жените, пониските нивоа на Б12 може да бидат поврзани со повисоки нивоа на аминокиселината наречена хомоцистеин во крвта, која се смета за маркер за раниот развој на срцеви заболувања бидејќи може да ги оштети артериите и вените – вклучително и оние околу срцето. (Истражувањето објавено минатата година покажува дека луѓето постари од 60 години кои вежбаат умерено или интензивно по 20 минути секој ден, имаат значително помали шанси да развијат кардиоваскуларни болести).

За велосипедистите и луѓето кои се занимаваат со други спортови на издржливост, особено е важно да внесуваат доволно витамини бидејќи тие можат да влијаат на нивото на енергија и издржливоста. Препорачаната дневна доза (RDA) на витамин Б12 кај повеќето здрави возрасни е 2,4 микрограми (mcg) дневно, но на трудниците им треба малку повеќе, 2,6 mcg.

„Повеќето луѓе лесно ја обезбедуваат таа количина ако јадат производи од животинско потекло како месо, риба, јајца и млечна храна“, рекла Вејнанди. Таа додала дека луѓето кои можеби не добиваат доволно Б12 се вегани, вегетаријанци, луѓе со ГИ (гастроинтестинални) болести (бидејќи може да имаат проблеми со малапсорпција) и луѓе кои примаат одредени лекови (вклучувајќи метформин за висок шеќер во крвта и лекови кои ја потиснуваат киселината за рефлуксна болест). Дури и ако имате проблеми со висок холестерол и триглицериди, Вејнанди не препорачува да земате Б12 самоиницијативно преку додатоци во исхраната додека навистина не се утврди неговиот недостаток. Таа рекла дека добар начин да се внесе Б12 е прехранбениот квасец.

„Ако некое лице има срцеви болести или е загрижено поради превенција, треба да го прегледа својот вкупен внес на храна, вклучително не само Б12, туку и колку здрави и нездрави масти консумира“, рекла таа, додавајќи: „Знаеме дека луѓето кои јадат повеќе овошје и зеленчук имаат и помал ризик од болести на срцето, така што таквата храна треба да зазема поголем дел од менито“.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот