Навивачите во Премиер лигата не се задоволни – бараат укинивање на ВАР-технологијата
Поголемиот дел од фановите во Премиер лига не се наклонети кон продолжување на употребата на ВАР-технологијата, покажуваат најновите податоци од Здружението на навивачи (ФСА).
Препорачано
Истражувањето, спроведено онлајн во периодот од крајот на февруари до 23 март, опфатило околу 8.000 навивачи на најголемите клубови. Според резултатите, 75,7 проценти од испитаниците се изјасниле против ВАР, додека дури 91,7 проценти сметаат дека технологијата ја нарушила спонтаноста при прославување на головите.
„Овие резултати ги потврдуваат нашите претходни истражувања од 2021 година, кога навивачите веќе изразија сомнежи околу воведувањето на ВАР“, изјави Томас Конакон, раководител на мрежата на ФСА за Премиер лигата.
Од ФСА велат дека анализата веќе е доставена до раководството на лигата и до судиските тела, при што се очекува да се отвори поширока дебата за иднината на ВАР.
Од друга страна, од Премиер лигата потенцираат дека системот сепак придонесува за поголема прецизност во судиските одлуки и дека е применет на помалку наметлив начин во однос на другите европски натпреварувања.
„Во последните сезони имаме околу 100 коригирани одлуки по сезона, ситуации во кои голови би биле погрешно признати или поништени или пак би биле пропуштени , тука се и погрешно досудени црвени картони и пеналите“, соопшти портпарол на лигата.
Тој посочи дека критериумот за интервенција е поставен високо, при што финалниот збор го има главниот судија на теренот. Токму поради тоа, според нив, ВАР е помалку наметлив во Премиер лигата отколку во другите натпреварувања, а како пример се наведува Лига на шампиони, каде интервенциите од ВАР-собата се значително почести.


