Наумовски: Се решава долгогодишниот проблем со училиштето „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Хром

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Алекандар Наумоски денеска на брифинг со новинарите ги презентираше сработените проекти за 2018-2019 година по повод две години од преземањето на функцијата. Нагласи дека општината е затекната со долг од над половина милион евра и кредити, но за кратко време, како што рече, со домаќинско работење и без помош од централната власт, општината ја раздолживме целосно.

Од капиталните инвестиции, Наумоски ги истакна изградбата на Клиничкиот центар во м.в.Веле Поле во Ѓорче Петров, градинката во Волково по најсовремени стандарди со капацитет од 175 деца-проект чија изградба ќе почне во 2010 година, доградба на градинката „Детелинка“, изградбата на Корзото кое е во тек, градбата на нова амбуланта и градинка во Дексион-договор за јавно-приватно партнерство кој е потпишан со министерствата за труд и социјална политика и за здравство и се очекува да стартува, модернизација на јавното осветлување со модерни лед светла чие поставување почнува следната недела низ цела општина, по 60 години изградба на спортска училишна сала во ООУ „Јоаким Крчоски“, како и реконструкција на покривот (азбесен кров) во ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“.

Особено важно за граѓаните е информацијата дека се решава долгогодишниот проблем со подрачното училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Хром, проблем кој е затекнат од претходната локална власт. Општината од сопствени средства ќе гради нова училишна спортска сала следната година, а исто така, во план е и доградба на објектот со нови училници, за што веќе е изготвен и проект.

Наумоски зборуваше и за проектите во сферата на инфраструктурата-реконструкција на над 60 улици во урбан и рурален дел, поставување атмосферска и фекална канализација, нова пречистителна станица во Орман која се очекува да почне со изградба напролет и изградба на нови паркинг простори.  Воедно, заедно со градот реконструирана е улицата „Борис Сарафов“ и поставена е атмосферска канализација долж целата улица и сите краци, како и ул.„Ѓорче Петров“ од општината до излез на Скопје.

Во делот на спортот, културата, образованието, социјалата и животната средина, направени се голем број проекти за подобрување на секојдневието на граѓаните на Ѓорче Петров.

-Континуирано финансиски се помагаат спортските клубови и младите спортисти од општината, се организираат и поддржуваат настани од културата, особено кај децата (театарски претстави, концерти на класична музика..), а втора година по ред се организира големата културно-забавна манифестација „Звуци на културата“ која предизвика доста позитивни реакции кај граѓаните. Во социјалата меѓудругото, набавени се прочистувачи на воздух во градинките, по 40 години е реконструирана кујната на градинката „Детелинка“, во тек е проектирање нова градинка во Стопански двор, воведена е социјална патролна служба за детектирање социјално загрозени категории и лица на кои им е потребна помош, општината ангажираше асистенти за помош на стари, болни и изнемоштени лица, реконструирани се бројни детски катчиња, организирани хуманитарни настани за помош на наши сограѓани, а планирано е отворање на три нови занимални во градинката „Детелинка“- стои во соопштението од денешниот брифинг.

Во образованието, општината исто така континуирано вложува. Меѓудругото, реконструирана е салата на ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“, почната е постапка за менување на котелот за греење и топла врска во ООУ „Тихомир Милошевски“, поставено е ново детско игралиште во истото училиште, ангажирани се 13 образовни асистенти во 2019 година, а 15 во 2018 година за помош на деца во училиштата со потешкотии во развојот, а обезбедена е и бесплатна екскурзија и бесплатна ужинка-проекти кои во следната година е во план повторно да се активираат.

Во однос на животната средина, пак, Наумоски појасни дека при носење на деталните урбанистички планови особено се внимава да не се наруши зеленилото и квалитетот на урбаното живеење, посадени се 2.000 нови садници, подигнати нови парковни површини (10.000 метри квадратни), и оти редовно се чисти, честопати и во соработка со Градот и јавните претпријатија.

Општината континуирано дава и парична помош за новороденчиња и еднократна парична помош. Во 2018 година за еднократна парична помош одвоени се 922 илјади денари, додека за годинава до септември-еден милион денари. За новороденчиња, пак, лани општината додели 1.370.000,00 денари, додека оваа година еден милион денари заклучно со септември.

Наумоски нагласи оти заедно со тимот и Советот продолжува да работи со уште позасилено темпо, одговорно, транспарентно и отчетно како и досега.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот