Научниците тврдат дека „ноќните птици“ се повеќе склони кон срцеви болести

unsplash
Фото: Unsplash

Останувањето будни и активни до доцна во ноќта не е многу паметно. Според новото истражување, во споредба со луѓето кои спијат ноќе, таканаречените „ноќни птици“ се повеќе склони кон развој на срцеви болести, пишува „Дејли мејл“.

Според резултатите од студијата на Универзитетот во Гетеборг, објавена во списанието „Слип медисин“ (Sleep Medicine), луѓето кои се будни ноќе имаат речиси двојно поголем ризик од развој на атеросклероза. Станува збор за стврднување и стеснување на артериите, што може да доведе до ангина, згрутчувања на крвта, срцев или мозочен удар.

Додека досегашните истражувања покажаа дека оние кои остануваат будни до доцна се соочуваат со ризик од кардиоваскуларни проблеми, оваа студија наводно е прва што заклучува дека деноноќниот (циркадијалниот) ритам или 24-часовниот биолошки часовник на една личност, особено влијае на артериите на срцето.

Од 771 учесник во истражувањето на возраст од 50 до 64 години, 144 од нив се опишале како екстремно утрински типови, а 128 се изјасниле како екстремно вечерни типови.

Само 22,2 отсто од утринските типови имале изразена калцификација на артериите; тие биле групата која работела најдобро. Екстремната вечерна група имала најголема зачестеност на сериозно стврднување на артериите – 40,6 отсто.

Останатите три групи луѓе, кои се изјаснувале како: малку утрински, ниту утрински ниту вечерни, и малку вечерни, биле помеѓу.

– Нашите резултати покажуваат дека екстремниот вечерен хронотип може да биде поврзан не само со полошо кардиоваскуларно здравје воопшто, туку и поконкретно со калцификациите на коронарните артерии и процесот што доведува до артериска калцификација – вели авторот на студијата Мио Кобајаши Фриск.

Други фактори кои влијаат на ризикот од стврднување и затнување на артериите ги вклучуваат крвниот притисок, липидите во крвта, тежината, нивото на активност, стресот, сонот и пушењето.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот