Настава со физичко присуство: Државата мора да го одбере помалото зло

На училиште во време на ковид. / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Родителите се загрижени за спроведување на протоколите во практика. Притисокот врз наставниците е голем, бидејќи мора да ја организираат наставата и да го зачуваат своето здравје и здравјето на учениците. Според нив, дилемата се сведува на тоа што е поважно, квалитетот на наставата или здравјето.

На десетина дена пред почетокот на новата учебна година, училиштата интензивно работат на реализација на планираната настава со физичко присуство според новите протоколи за заштита од ковид-19. Загриженоста и кај родителите, но и кај наставниците, расте.

Дел од училиштата се соочуваат со просторен проблем, односно не знаат како ќе им овозможат на децата да држат физичка дистанца, особено во класовите каде што има по 30 деца, па и повеќе.

Лани едно одделение од 24 деца беше поделено во две групи, по дванаесет деца седеа во една училница, по едно дете во клупа, наредени цик-цак и немаа никаков контакт со другата половина од класот, дури и влегуваа од различен влез. Немаа класичен голем одмор, туку по 10-15 минути, едните излегуваа во еден двор, а другите во друг. Училиштето каде што учат моите девојчиња спроведува настава само во една смена. Како на 30 деца, на пример, ќе им овозможат физичка дистанца во една училница – вели мајка од скопската населба Карпош во изјава за „Слободен печат“.

Во жестоката дебата што се сведе на тоа родителите да мора да избираат меѓу здравјето или писменоста на своите деца, се чини дека сите страни како најмало зло ја предлагаат наставата со ротација, што е една од опциите предвидени ако епидемиолошката состојба се влоши.

Се плашам да го пратам детето на училиште бидејќи се грижам за неговото здравје, но исто така имаме и членови на семејството што спаѓаат во ризична група. Дилемата со која се соочувам како родител е таа дали да го пуштам детето на училиште и да ризикувам или да го оставам дома и само тоа да биде онлајн. Јас сум за ротација преку една недела, едните да седат дома, а другите да одат на училиште – додава друг родител.

Наставниците со кои поразговаравме, сметаат дека за тоа сценарио се потребни повеќе технички услови и поголем наставен кадар. Како што велат тие, не е лесно еден наставник да го држи истото предавање двапати, еднаш во живо, а потоа онлајн. Еден од предлозите е наставата во живо паралелно преку проектор да ја следат и децата за кои родителите ќе одлучат да не ги пратат на училиште. Се поставува прашањето колкави се техничките можности за тоа.

Многу тешко, школите се страшно различни. Има големи и мали училници, некои се современи, а некои се руинирани. Има школи што работат целодневна во една смена, има некои со три смени и децата немаат време за одмор меѓу часовите. Тешко е, јас сум вакциниран со две дози и не сакам да се разболам од новиот ковид сој. Никој не може да ме убеди дека нема да се шири вирусот на таа дистанца. Најголем проблем се кадровските и просторните услови. Лани, од свои средства уплатив најскап интернет за да можам да држам часови од дома. Децата во другата соба исто така слушаа часови онлајн. Од таквата настава ефектите се дискутабилни, а особено делот испрашување. Од технички аспект, според мене, ќе биде страшно. Јас лично планирам да држам отворени врата и прозорци. Но, не знам што ќе правам во зима. Сите сме за настава со физичко присуство, но многу е тешко да се изведе. Државата мора да го одбере помалото зло – ни изјави наставник што сакаше да остане анонимен.

Друг дел од наставниците се на мислење дека постојат услови за настава со физичко присуство.

Дистанца е можна, и тоа како. Дури и ни одговара за да се намали бројот на ученици по паралелки. Имаме по еден ученик во клупа, простории исто така имаме доволно. Имаме кадар што ќе ги спроведе мерките и кој ќе направи план како да излегуваат и како да влегуваат. Голем одмор ќе има различно од другите, нема сите да одат во ист момент. За тоа време, ќе бидат со наставник и нема да бидат оставени да прават што сакаат. Се прави и контрола како ќе се оди во тоалет. Дежурни наставници ќе има повеќе и сите наставници ќе имаат одговорност да си внимаваат на својот клас. Ќе се запазат сите прописи, миење раце и хигиена – вели Бојан Станковиќ, наставник во училиштето „Крум Тошев“ во Трубарево.

Според Министерството за образование и наука, едното од резервните сценарија е хибридниот модел, кој се применуваше минатата учебна година – дел од учениците да следат настава со физичко присуство, додека останатите онлајн. Другото резервно сценарио е примена на систем на ротација – со менување групи ученици на една недела со физичко присуство и онлајн.

Царовска: Дигиталните учебници се светлосни години скок во образовниот процес

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот