Направете ги уставните измени, не ризикувајте изолација

ФОТО: МИА

Дојдовме да ја искажеме пораката од Борел. Тоа е порака на охрабрување. Нема време за губење. Одлагањето на уставните измени, значи и одлагање на патот кон ЕУ. Би било штета Скопје, кое истрча тежок маратон, да се сопне на последната пречка, рече министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг.

Пролонгирањето на уставните измени, значи и одложување на патот кон ЕУ. Би било штета Скопје, кое истрча тежок маратон, да се сопне на последната пречка, порача австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг, кој заедно со своите колеги од Чешка и од Словачка, Јан Липавски и Мирослав Влаховски, денес беа во официјална посета на Скопје. Шефовите на дипломатијата на овие три земји беа дојдени и овластени од високиот претставник за надворешни работи на Европската Унија, Жозеп Борел, да ги пренесат официјалните ставови на ЕУ за прашања поврзани со досието за европска интеграција на Република Северна Македонија.

– Дојдовме да ја искажеме пораката од Борел. Тоа е порака на охрабрување. Нема време за губење. Одлагањето на уставните измени, значи и одлагање на патот кон ЕУ. Би било штета Скопје, кое истрча тежок маратон, да се сопне на последната пречка. Северна Македонија се соочува со опасност да биде изолирана доколку не продолжи по европскиот пат – рече Шаленберг во Министерството за надворешни работи каде што ги пречека министерот Бујар Османи.

Според него, решението ќе дојде од Северна Македонија, а не од Брисел, од Виена, од Прага или од Софија.

– Вам ви останува дали ќе одите напред. Ставете ја политичката пред партиската одговорност. Сега е време кога треба и стратешки да се размислува. Ова е време и за порака за нашите пријатели од Бугарија. Надминете ги билатералните прашања и исто така почнете да размислувате стратешки. И понатаму ќе ве поддржуваме. Северна Македонија е модел за целиот регион и сакаме и натаму да останете ваков светол пример – рече Шаленберг.

Министерот Османи одговори дека во моментот во државата за прашањето на уставните измени и европскиот пат постои голема пропаганда, а македонската опозиција ја користи фрустрацијата на граѓаните и сака да ја претвори во политички поени, свртувајќи ја ситуацијата во своја корист.

Чешкиот министер Јан Липавски на прес-конференцијата во МНР истакна дека разбира оти ситуацијата со уставните измени е тешка, но се надева дека ќе биде надмината со преговори.

– Јас секогаш велам, НАТО ја гарантира безбедноста, а ЕУ го гарантира просперитетот. Секако, Северна Македонија веќе ја сметаме за дел од европското семејство, процесот само треба да се заврши. Вие сте стопроцентно усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и ги поддржувате и ги применувате сите санкции против Русија и ви благодарам за тоа. Разбирам дека ситуацијата не е лесна и се надевам дека ќе може да се надмине со преговори и се надевам дека ќе го направите тоа – кажа Липавски.

Словачкиот министер Мирослав Влаховски се надева дека Македонија ќе стане членка на ЕУ до 2030 година.

– Треба сега да станете водачи, локомотивата што ќе го влече процесот напред, да станете пример што треба да се следи и се надевам дека оваа задача ќе заврши до 2030 година. Сакаме повторно да станете лидер на Балканот во евроинтеграциите како пред две децении. Северна Македонија е сигурен партнер, помагајќи во справувањето со руската агресија врз Украина. Словачка ја поттикнува Северна Македонија да ги искористи нашите искуства во преговорите. Сакам да нагласам дека членството во ЕУ навистина се исплати. БДП се зголемува и имате стабилност дури и кога се случува криза. Времето е сега, изборот е јасен, ве чекаме да станете членка на ЕУ што поскоро, а не подоцна – изјави Влаховски.

Премиерот Димитар Ковачевски веќе најави дека уставните измени за вметнување на Бугарите во Уставот ќе влезат во собраниска процедура до крајот на месецов. Според преговарачката рамка на ЕУ за Македонија, уставните измени се услов да почнат пристапните преговори со ЕУ. Во агендата на европски дипломати покрај средбата со министерот за надворешни работи Бујар Османи, предвидено е тројцата министри да бидат примени од претседателот на државата Стево Пендаровски, од претседателот на Собранието Талат Џафери, но да се сретнат и со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, како и со пратеници и од опозицијата и од владејачката коалиција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот