Најавената даночна реформа сите ги боли

Топло,сите под клима
фото: Слободен печат/ Д. Митрески

Критики се упатија за „тајмингот“ на реформата, даночната неизвесност, укинување на даночното ослободување на реинвестираната добивка…

Иако презентираниот концепт за даночната реформа, како што вели министерот Фатмир Бесими, е само предлог за кој се очекува широка дебата, за него досега има само остри критики во јавноста. Бесими во врска со критиките вели дека се очекувани затоа што даночните реформи секогаш предизвикуваат вакви реакции и дека ќе се прифатат аргументираните решенија. Тој потенцираше дека од Министерството за финансии нема предлог за начинот на праведното оданочување, односно дали воопшто ќе се применува прогресивниот данок, а нема ни предлог за плаќање придонеси за оние што работат со договори, но дека таа дискусија се враќа, особено поради многубројните критики на ММФ и Светска банка.

Она што е предлог на Министерството за финансии е оданочување на орочените средства, стеснување на списокот со стоки и услуги за кои се плаќа ДДВ од 5 проценти, зголемување на долниот праг на кој се плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување, а кој сега е 16 просечни плати… Бесими рече дека реформата би стартувала од 1 јануари наредната година, но дека постепено би се спроведувала.
Стопанствениците и економските експерти излегоа со многубројни коментари и свои видувања.

Што најмногу револтира?

Според Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи, најспорна е идејата за укинување на даночното ослободување на реинвестираната добивка.

– Идејата да се воведе данок на личен доход на капиталните добивки на каматите на штедните влогови и некои други лични приходи е во ред. За плаќање придонеси за здравствено и пензиско осигурување на договорите за дело мора да се направи разлика помеѓу вработените и невработените. Најпроблематична е идејата за укинување на даночното ослободување на реинвестираната добивка. Од една страна, државата преку разни проекти врши поврат на направените инвестиции во опрема, а од друга страна, сака да ги оданочи средствата од добивката што ќе ги инвестираат компаниите – вели Димитров.

Претседателот на Здружението на даночни советници Павле Гацов не се сложува со тајмингот кога се прави реформата.

– За бизнисот ова ќе значи зголемен даночен товар и зголемена ефективна даночна стапка, како резултат на проширувањето на даночната основа. Тоа ќе влијае врз намалување на профитабилноста и на можноста за побрзо излегување од кризата притиснато од веќе познати политички, енергетски и здравствени причини – изјави Гацов.

Профитите на банките бодат очи

Гацов изјави и дека „иако комерцијалните банки во изминатите неколку години остваруваат екстра профити, фискалните авторитети не ја препознаваат оваа позиција како можност за дополнително зафаќање од финансиските институции, со кое може да се алиментираат дел од потребните јавни приходи“.

Високите профити на банките како можен извор на јавни финансии ги прокоментира и е Зоран Витанов, претприемач и автор на повеќе стручни книги.

„Владата планира зголемување на даноците? Да им дадам предлог: банкарскиот сектор во Македонија остварува цирка 150 милиони евра годишен нето-профит. Ако нив ги оданочи со прогресивен данок на добивка од 33 проценти, ете им ги посакуваните 50 милиони евра во буџетот. Оставете ги граѓаните и МПС-секторот (малите и средните претпријатија, н.з.) на раат, престанете да ги оданочувате оние што чесно ги пријавуваат своите приходи и профити!“, напиша Витанов на својот фејсбук-профил.

Честите промени носат несигурност

Според поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, за да има повеќе пари во Буџетот, „попотребна е коренита реформа на буџетските расходи, а честите промени на даночниот систем не се ни препорачуваат“.

Во однос на презентираниот концепт на даночната реформа, Хајредини вели дека концептот смарт-финансии за кој зборува Бесими е добро решение, но дека во презентацијата недостасува значаен елемент.

– Од почетокот на мојот мандат како министер за финансии, се залагав за поставување паметен систем во управувањето со јавните финансии – СМАРТ финансии. Овој систем се базира на јасна стратегија, одржливост, одговорност, реформски е ориентиран и е транспарентен, всушност како што и самиот акроним тоа го кажува (С-стратегицал, М-маинтаинабле, А-аццоунтабле, Р-реформ-ориентед, Т-транспарент). Но, од досега презентираниот концепт, не се гледа само дали со смарт-финансиите даноците ќе се зголемат или ќе се намалат – вели Хајредини.

Прогресивното оданочување имаше „куса кариера“, а потоа се стави во мирување до 1 јануари 2023 година. Но, со Законот за данок на личен доход во мирување се стави и зголемувањето на даночна стапка од 10 на 15 проценти за доходот од права од индустриска сопственост, доходот од закуп и подзакуп, доходот од капитал, капиталните добивки, доходот од осигурување, како и оданочувањето на каматите. Според сегашните изјави на Бесими, можно е од ваквите законски решенија на 1 јануари да останат многу малку, или ништо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот