На Владата не ѝ се брза со мерките за намалување на цените: Неизвесна и кошницата и нефер практиките

Христијан Мицковски / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Иако се најавуваше дека неделава во Владата треба да помине есенската кошничка, сега од министерот за економија Бесар Дурмиши се бара дополнително да разговара со производителите и со трговците. Се најавува и можно одложување на Законот за нефер трговски практики.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска имал средба со министерот за економија Бесар Дурмиши во врска со најавената есенска кошничка со која треба да се намалат цените на основните производи. Притоа, како што рече Мицкоски, на министерот му е кажано да најде најповолно решение и за трговците и за потрошувачите.

Дилемата што се водеше деновиве е дали да се ограничат цените на производите или, пак, да се ограничи маржата. Се најавуваше и дека списокот на производи ќе биде готов и дека ќе се најде на утрешната седница на Владата. Но, Мицкоски сега вели дека не мора денеска да се расправа, тоа може да биде и наредената недела.

– Ние сме подготвени за разговор, ние не сакаме на сила ништо да направиме, туку да најдеме заедничко решение. Знам дека во минатото на сила се правеа работите. Ние имаме намера да разговараме со сите засегнати страни и сите заедно да направиме нешто добро за државата. Не сакаме трговците и производителите да бидат исфрустрирани поради односот на владата – рече Мицкоски денеска како одговор на новинарско прашање пред средбата со Германската стопанска комора.

Според него, има простор уште да се преговара за есенската кошничка, односно не е доцна, затоа што есента уште и не дошла.

Тој во минатото повеќепати повторуваше дека е против замрзнувањето на цените. Сега, сепак, ретерира и вели дека иако секогаш е за пазарна економија, некогаш мора да се дејствува офанзивно.

– Кога ќе ги видите увозните цени и кога ќе видите потоа како со хируршки нож се сече пазарот, како има монополи, па и дуополи во однос на формирањето на цените, тогаш мора да дејствувате. Никој не смее да заработува на грбот на граѓаните – порача Мицкоски.

Сепак, тој не даде гаранција ниту дека ќе профункционира долгоочекуваниот Закон за нефер трговски практики, кој треба да стапи на сила на 28 септември. Напротив, најави можно одложување.

– Не би рекол дека цените со овој закон ќе се намалат 20 отсто. Производителите велат така, трговците велат друго. Еве, утрово имав разговор и со претседателот на Стопанската комора. Ние добиваме од Комората различни писма. Нека се усогласат и нека ни кажат што да правиме – дали Владата да опстои на својот став за примена на Законот или да го одложиме – изјави Мицкоски.

Со овој закон пак во игра се рабатите и дополнителните трошоци, кои треба да се ограничат. Додека маржата е процент што трговците си го додаваат на набавната цена како нивна заработка, рабатот претставува намалување на продажната цена на одреден производ или услуга, што продавачот му го одобрува на купувачот. Според кажувањата на министерот за економија Бесар Дурмиши, при контрола биле утврдени договорени рабати и од 40 проценти. Со овој закон требаше да се укинат ваквите нефер трговски практики. Но, Мицкоски најави можно одложување на Законот кој беше донесен во март и кој дава можност во рок од шест месеци, односно до 28 септември, да се усогласат договорите меѓу производителите и трговците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот