„На точак“: Најголемата одговорност за создавање безбедни улици ја имаат општините

Жената била пренесена во Градска општа болница „Св. Наум Охридски" каде ѝ биле констатирани тешки телесни повреди./Фото: Град Скопје

Во обид да се изнајде решение за сообраќајниот хаос што според нив подолг временски период владее во главниот град, велосипедистите пред неколку денови испратија допис до локалните власти, во кој бараат општините и Град Скопје да обелоденат кои мерки и активности планираат да ги преземат за да ја подобрат безбедноста на сите учесници во сообраќајот, со акцент на, како што велат, пешаците и велосипедистите.

Недоволниот број велосипедски и пешачки патеки, брзото возење по улиците и булеварите, огромниот број сообраќајни несреќи во кои честопати се вклучени и пешаците и велосипедистите. Ова се само дел од причините поради кои урбаните велосипедисти подолг временски период бараат институционална поддршка од локалните власти за конечно решавање на овие проблеми.

Затоа, во обид да се изнајде решение за сообраќајниот хаос што подолг временски период владее во главниот град, тие пред неколку денови испратија допис до локалните власти, во кој бараат општините и Град Скопје да обелоденат кои сѐ мерки и активности планираат да ги преземат за да ја подобрат безбедноста на сите учесници во сообраќајот, со акцент на, како што велат, пешаците и велосипедистите.

Сепак, за жал, според тврдењата од „На точак“, до сега ниту од една општина не добиле повратен одговор. Во своето барање, велосипедистите побарале градоначалниците на Скопје и скопските општини да споделат информација на кој начин, во рамките на нивната надлежност, планираат да ја зголемат безбедноста на улиците за сите учесници во сообраќајот, а примарно за пешаците и велосипедистите.

За жал, до денешен ден нема ниту еден повратен одговор од ниту еден од нив. Дали ова значи дека безбедноста на граѓаните не е високо на нивните приоритети, или можеби немаат никакви планови за донесување мерки за подобрување на состојбата на улиците или причината е нешто трето? Преку допис ги потсетивме носителите на локалната власт дека токму тие имаат најголема одговорност во создавање безбедни улици, испративме предлози со кои конкретни мерки може да се постигне тоа, по пример на други земји и побаравме да се вклучиме со конструктивно мислење. Истовремено, потенциравме дека мерките доцнат со години и итноста на нивното донесување не треба да се дискутира или одложува. Животите на луѓето треба да се приоритет! – велат од „На точак“.

Според урбаните велосипедисти, секој изминат ден на поддржување статус кво, состојбата има потенцијал за нова жртва во сообраќајот.

Во дописот што велосипедистите го испратија до општините и до Град Скопје побараа и информација дали нивните заложби како локална самоуправа опфаќаат неколку мерки за подобрување на безбедноста во сообраќајот. Една од мерките е токму ослободување, уредување и проширување на тротоарите и воведување пешачки зони. Според нив, оваа мерка е исклучително важна бидејќи правото на слободно движење треба да биде гарантирано на сите. Нефункционални и узурпирани тротоари доведуваат до принудно движење на ранливите учесници во сообраќајот по коловоз што ја загрозува безбедноста на сите.

Како една од мерките што властите треба да ја воведат се велосипедски патеки или ленти, бидејќи со издвоена велосипедска инфраструктура не само што ќе се добие простор за велосипедски сообраќај, туку и смирување на брзините на возилата, скратени премини преку коловоз за пешаците итн. Како дополнително барање, урбаните велосипедисти ја истакнуваат и потребата од воведување Зона 30, Зона 20 и физичко смирување на сообраќајот преку стеснување ленти за автомобили, подигнати пешачки премини, шикани-искривувања на коловозот, микрокружни текови и слично.

Велосипедисти бараат и институционална поддршка за да се стави крај на брзото возење, потоа на бесправното паркирање, но и на автоцентричноста која е последица на досегашното планирање со фокус на автомобилите, а не на велосипедите и на пешаците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот