На невакцинираните работници во Летонија им се заканува отказ

Анти-ковид протести во Рига, Летонија/ Фото EPA-EFE/VALDA KALNINA

Летонскиот Парламент денеска им дозволи на компаниите да ги отпуштат вработените кои одбиваат вакцинација против коронавирус или да ги испратат на работа од дома, додека земјата се бори со еден од најлошите бранови на ковид-19 во Европската унија, пишува Ројтерс.

Според усвоениот закон, на компаниите им е дозволено да ги суспендираат невакцинираните лица без плата, доколку одбијат да примат вакцина или, ако е можно, да се префрлат на работа од далечина.

Регулативата предвидува и компаниите да можат да отпуштат вработени доколку не ја примат вакцината за време на тримесечната суспензија.

„Постојат доволно причини да се верува дека такво лице не е соодветно за позицијата“, напиша летонската Влада во парламентарниот поднесок, објаснувајќи ја предложената мерка.

Новите правила ќе стапат во сила на 15 ноември, откако Летонија ќе излезе од блокадата, а има исклучоци за лицата кои имаат медицинска причина да не се вакцинираат, вклучително и оние кои неодамна ја прележале болеста.

Претходно, задолжителната вакцинација против ковид 19 во Летонија важеше само за работниците во здравството, образованието и социјалната заштита.

Околу 61 отсто од возрасните Летонци се целосно вакцинирани, што е помалку од просекот на Европската унија од 75 отсто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот