На денешен ден – 10 октомври

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

1684.- Роден е францускиот сликар Жан Антоан Вато, типичен претставник на рококо. Неговото сликарство е со деликатен колорит и осетливи цртежи воглавно посветени на темите од животот на аристократите.

1813.- Роден е италијанскиот композитор Ѓузепе Верди, кој заедно со Рихард Вагнер се најистакнатите романтичарски оперски творци на 19. век. Дела: оперите „Набуко“, „Травијата“, „Трубадур“, „Риголето“, „Бал под маски“, „Моќта на судбината“, „Дон Карлос“, „Аида“, „Отело“.

1837.- Умре францускиот економист Шарл Фурие, социјалист-утопист кој сметаше дека капитализмот е „асоцијален“ бидејки во него поединците се постојано во борба едни со други. Дела: „Нов индустриски и општествен свет“, „Теорија на четири движења“, „Собрани дела“ (шест книги постхумно).

1861.- Роден е норвешкиот поларен истражувач, дипломат и хуманист Фритхоф Нансен, професор по океанографија на Универзитетот во Осло, добитник на Нобеловата награда за мир во 1922 година. Од 1893 до 1896 година ги истражувал Гренланд и Северен леден океан пловејќи со бродот „Фрам“ кој е конзервиран и се чува во близина на Осло. По Првата светска војна се занимава со заштита на воените заробеници и националните малцинства. Како висок комесар во Друштвото на народите раководи со репатријацијата на воените заробеници и придонесува за потпишување на Женевскиот протокол за бегалци. Емигрантскиот пасош наречен „Нансенов пасош“ кој служи како потврда за идентитет за раселените луѓе и сега е во употреба.

1888.- Роден е рускиот револуционер Николај Иванович Бухарин, професор по политички економии на Универзитетот во Москва, кој на бољшевиците им се приклучи во 1906 година по Октомвриската револуција во 1917 година. Дела: „Економика на преодниот период“, „Теорија на историскиот материјализам“ и други.

1892.- Во селото Долец, кај Травник, е роден Иво Андриќ, книжевник, еден од најголемите српски писатели. Освен песни во проза, ги напиша и прочуените романи „Мостот на Дрина“, „Травничка хроника“, „Госпоѓица“ и други. Во 1961 година ја доби Нобеловата награда за литература. Умре во Белград, на 13 март 1975 година.

1901.- Роден е швајцарскиот скулптор и сликар од италијанско потекло Алберто Ѓакомети.

1904.- Во Скопје е роден Сотир Ставридис, македонски хирург и уролог, прв асистент во Хируршката клиника во Скопје, основана во 1947 година, на чие чело, како директор застана половина деценија подоцна. Тој е основач и прв раководител на Уролошкото одделение на Хируршката клиника. Во својот плоден твореки живот објави повеќе од дваесет стручни трудови од областа на хирургијата и урологијата. Умре во Скопје, на 26 јануари 1961 година.

1910.- Во Прилеп е роден Димитар (Димче) Стојанов – Мире, професор по историја, учесник во НОВ на Македонија и делегат на Првото заседание на АСНОМ. На Второто заседание на АСНОМ е избран за член на Президиумот на АСНОМ и повереник за просвета на Македонија. Потоа беше министер за просвета на НР Македонија, претседател на Народното собрание на НР Македонија (1951-1955) и директор на Архивот на Македонија (1960-1978). Еден е од основоположниците на архивската служба во Македонија. Умре во Скопје, на 4 септември 1991 година.

1913.- Заврши изградбата на Панамскиот канал долг 81,6 километри со кој се споени Атлантскиот и Тихиот Океан. Бродовите почнаа да го користат дури на 15 август 1914 година.

1917.- Заради торпедирање на бразилските бродови, Бразил во Првата светска војна и објави војна на Германија.

1943.- Генералисимус Чанг Кај Шек положи заклетва како претседател на Кина.

1944.- Во селото Лаки, на планината Плачковица, е формирана Деветнаесеттата македонска НО бригада која учествуваше во ослободувањето на Македонија.

1944.- Во селото Жегљање, Кумановско, е формирана Кумановската (македонска) дивизија, во чиј состав влегоа Шеснаесеттата, Седумнаесеттата и Осумнаесеттата македонска НО бригада. Имаше околу 5.500 борци. Учествуваше во завршните операции за ослободување на Македонија, а по ослободувањето учествуваше во расчитувањето на теренот од балистичките банди.

1944.- Ослободено е Богданци.

1946.- Во Скопје, во црквата „Свети Спас“, со сите државни почести и пред повеќе илјади граѓани од цела Македонија, беа положени моштите на истакнатиот македонски револуционер и идеолог Гоце Делчев, кои два дена порано македонската делегација ги донесе од Софија.

1954.- Виетнамскиот лидер Хо Ши Мин влезе во Ханој, главниот град на Виетнам, кого два дена пред тоа го напуштија француските колонијални трупи.

1964.- Во Токио се отворени Олимписките игри, први во Азија.

1967.- Во Скопје, на свечената седница на Собранието на СР Македонија, е извршено свечено отворање на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). На 23 февруари 1967 година е донесен Законот за основање на МАНУ, а на 9 октомври 1967 година е извршено конституирањето на МАНУ.

1970.- Умре фаранцускиот политичар Едуар Доладер, потписник на Минхенскиот пакт со Германија во 1938 година со кој Адолф Хитлер ја распарча Чехословачка. Меѓу двете светски војни беше трипати премиер, а во Втората светска војна е интерниран во Германија по окупацијата на Франција.

1973.- Потпретседателот на САД Спиро Егњу мораше да поднесе оставка бидејќи беше обвинет дека не плаќа даноци.

1980.- Во земјотрес во Алжир загинаа 2.580 луѓе, а околу 330.000 граѓани во градот Ал Аснам останаа без покрив над главата.

1982.- САД наметнаа санкции врз Полска поради одлуката на полсаката влада да го забрани синдикатот „Солидарност“.

1985.- Умре американскиот филмски глумец и режисер Орсон Велс. Неговиот прв филм „Граѓанинот Кејн“ е еден од најдобрите во историјата на кинематографијата. Орсон Велс изгради свој стил и секое негово дело носи печат на силна и оригинална личност. Во 1971 година доби Оскар за животно дело. Филмови: режија и глума – „Величенствените Амберсонови“, „Дамата од Шангај“, „Магбет“, „Отело“, „Зрно зло“, „Господин Аркаден“, „Процес“, „Вистина и лаги“, глума – „Третиот човек“, „Хотел Интернационал“.

1985.- Умре американскиот филмски и театарски глумец од руско-ромско-монголско потекло Јул Бринер, еднакво добар во карактерните, авантуристичките и дискретните комични улоги. За филмот „Кралот и јас“ е награден со Оскар, а во театар со години ја играше истоимената претстава. Филмови: „Десетте божји заповеди“, „Анастасија“, „Браќа Карамазови“, „Соломон и Саба“, „Седумтемина величенствени“, „Тарас Буљба“, „Западен свет“.

1990.- СССР и Германија потпишаа договор за повлекување на советските војници од Германија до крајот на 1994 година. Во тоа време во Германија беа 380.000 советски војници и 220.000 членови на нивните семејства.

1991.- Во главниот град на Канада – Отава, пред неколку десетици илјади присутни, беше откриен првиот светски споменик на мировните единици на Обединетите нации.

1993.- Андреас Папандреу победи на претседателските избори во Грција.

1994.- Во Скопје е отворен Ургентно-хируршки центар при Медицинскиот факултет.

1995.- Израел согласно мировниот договор со Палестинската ослободителна организација го започна повлекувањето од Западниот Брег и од затвор ослободи околу 300 Палестинци.

1996.- Пуштен е во сообраќај автопатот Тетово – Гостивар во должина од 20 километри.

2000.- Умре државничката Сиримаво Бандеренајке, прва жена премиер во светот. Во историјата влезе станувајќи премиер на Цејлон (сегашна Шри Ланка) на 21 јули 1960 година. Со Шри Ланка управуваше од 1960 до 1977 година и беше еден од основачите на движењето на неврзаните.

2003.- Ширин Ебади, ирански адвокат и борец за човекови права ја доби Нобеловата награда за мир.

2004.- Умре американскиот глумец Кристофер Рив, филмскиот „Супермен“, кој од 1995 година беше врзан за инвалидска количка поради пад при јавање со што скрши два пршлена. Во ваква состојба игра во многу филмови, вклучувајќи го и римејкот на легендарниот Хичков „Прозорец во двор“.

2012.- Американците Роберт Лефкович и Брајан Кобилка се добитници на Нобелова награда за хемија оваа година за проучување на протеините, кои им овозможуваат на клетките во телото да одговорат на надворешните сигнали. Двајцата научници престижното признание, вредно осум милиони шведски круни (1,2 милиони долари) го добија за трудот „Г протеинот на споените рецептори“. Речиси половина од сите лекови делуваат токму на тие рецептори, така што се очекува дека сознанијата до кои дошле Лефкович и Кобилка ќе им помогнат на другите научници да пронајдат уште подобри лекови.

2013.- Канадската писателка Алис Манро (82) ја доби Нобеловата награда за книжевност. Една од најпознатите авторки на куси раскази, го надмина и јапонскиот писател Харуки Мураками, за кои многумина веруваа дека ќе триумфира оваа година. Најновата книга на Алис Манро „Деар Лифе“ до сега освои бројни признанија, а во неа се раскажува за настаните во малиот град во близина на езерото Хурон. Ова е прва Нобелова награда, која е доделена на писател од Канада и прва доделена на писател на куси раскази. Манро е 13-та жена, која досега ја добила Нобеловата награда за книжевност. Наградата изнесува осум милиони шведски круни, односно околу 925 илјади евра.

2016.- На 90-годишна возраст починал Анджеј Вајда, познат полски филмски режисер. Во Полска и во светот, тој бил посочуван како водечки претставник на „полската филмска школа“ создадена уште во педесеттите години на минатиот век, во времето додека земјата била во комунистичкиот блок. Најголемиот број од неговите филмски остварувања, како филмовите „Канал“, „Човек од мермер“, „Човек од железо“ или „Катин“ се инспирирани од турбулентната полска историја. Неговата кариера како филмски творец траела цели 60 години и за тој период тој има режирано над 40 филмови. Во 2000 година, Вајда бил награден со почесен Оскар за неговиот придонес во полето на филмот. Претходно, четири негови филмови биле номинирани за Оскар, за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот