Мутибариќ: Ситуацијата ми е катастрофална, никој не помага!

Мозочен удар е причината за очајната состојба на едно од најпознатите имиња во македонскиот спорт, легендарниот голман Драган Мутибариќ. Тој сега е неподвижен, оставен на грижата на сопругата. Нема никаква помош од пријателите и од институциите, има минимални примања, огорчен е и уплашен за својата неизвесна иднина.

Драган Мутибариќ (75), една од легендите на македонскиот спорт, незаборавниот голман на Вардар, деновиве се соочува со најтешките моменти во својот живот. Некогашниот репрезентативец и идол на многу генерации неодамна имаше мозочен удар по што остана неподвижен, врзан за постела.

Мутибариќ е загрижен за својата иднина, но и огорчен поради тоа што никој не покаужува интерес за неговата тешка состојба, да му помогне, со совет, со дело, било како. Драган е оставен на грижата на неговата сопруга Милица, без која како што вели би бил изгубен. Сите пријатели кои се нуделе за помош, сега ги нема кога навистина требаат. Драган живее од мала пензија, а трошоците за лекови и за се друго се огромни.

Мутибариќ, како заслужен спортист, седум години по ред аплицирал за еднократна финансиска помош од Агенцијата за млади и спорт, но досега не ја добил. Во овие тешки времиња, тој наскоро по осми пат ќе аплицира. Вели ги собрал сите потребни документи и се надева дека ќе ја добие од државата таа еднократна финансиска помош што му следува како заслужен спортист, а која во оваа ситуација многу би му помогнала. Во меѓувреме се бори со болеста, но оптимизмот го напушта…

– Лежам, чекам закрепнување и не знам дали ќе дојде. Проблемот е што имав мозочен удар. Тоа ми се случи пред 15 дена. Ме однесоа во болница, таму лежев 12 дена. Сега сум дома, на закрепнување. Лекарите ме отпуштија и не ми кажаа што треба да правам. Дали треба да одам на некаква рехабилитација? Морам да се консултирам што понатаму – вели Мутибариќ кој ја опишува својата состојба.

Заборавен од сите

– Неподвижен сум, врзан за постела. Не знам како да планирам евентуална рехабилитација, кога има коронавирус на сите страни. Што е подобро, да добијам коронавирус на 75 години, што би било кобно за мене, или да мирувам вака? Ситуацијата ми е катастрофална. Јас сум оптимист по природа, но доколку ова го пребродам ќе биде чудо. Немоќен сум потполно – вели Драган, кој во целата белја е заборавен од сите, па дури и од неговиот Вардар, клуб на кого најмногу му даде како спортист, не се заинтересирале за неговата состојба, а уште помалку помогнале.

– Добра волја покажа само Антонио Филевски (поранешен голман н.з.). Друг никој не се ни јавува. Никој нема интерес за мене. Обично е така, кога имаш неволја. Сите, наводно сакаат да помогнат, ама помош нема од никаде. Оставен сум на вниманието на сопругата Милица која е подвижна и таа се грижи за мене. Пријателите сите откажаа. Кога дојде време да се помогне, нема никој – резигниран е Мутибариќ, кој и покрај минималните примања не сака да апелира до јавноста за помош.

Не можам да излезам на крај, вели Драган

– Срам ми е да барам помош со некаков јавен апел. Таков сум. Инаку, имам многу мала пензија, 13.500 денари. Не можам да излезам на крај. Трошоците за лекови и за се друго се големи. Само на мојата пензија живееме со сопругата, која нема пензија – вели Мутибариќ, кој веќе седум години се обидува од Агенцијата за млади и спорт да добие еднократна финансиска помош, како заслужен спортист.

– Од Агенцијата за млади и спорт седум години ја барам таа еднократна финансиска помош, постојано ми викаат малку бодови имаш. Но, не губам надеж, повторно ќе аплицирам. Рокот сега е 22 мај, треба да ги поднесам документите и молба за да добијам таква помош. По осми пат го правам ова. Срамота е. Четири пати бев спортист на Македонија. Имам многу трофеи, награди… Сега се надевам да помине сето тоа и да ја добијам таа помош – вели Мутибариќ, кој ни опиша како му се случила несреќата.

– Мозочен удар добив кога сечев дрва за огрев со секира. Одеднаш нешто ми пукна во мозокот. Бев дома во дворот. Ми се одзеде десната нога и десната рака. Во болница ме прегледаа со магнетна резонанца и ми дадоа дијагноза. Десната рака и десната нога и сега ми се потполно одземени. Кога треба да се движам, користам инвалидска количка. Ја користам онаа што ми остана од мајка ми – раскажува легендарниот голман, некогаш подвижен како мачка, кој сега живее во скромни услови во скопско Лисиче.

Кој е Драган Мутибариќ?

Неговото име како голман најмногу се врзува за Вардар но тој беше и репрезентативец на Југославија. Во сезоната 1966/67 на голот на Вардар застана неговата легенда, незаборавниот Драган Мутибариќ. Беше голем миленик на вардаровите навивачи, за тој клуб одигра 461 натпревар, од кои 265 првенствени. Бранеше и за репрезентацијата на Југославија. Имаше 10 настапи во сениорскиот тим и девет за младинската репрезентација. Со младинската репрезентација на Југославија освои прво место во Европа (1968).

Во Вардар дојде од Срем, го бараше Партизан и прилепска Победа, но тој се одлучи за Вардар во неговиот дрес доживеа полна афирмација како одличен голман. Впрочем четири пати беше на листата на десетте најдобри спортисти на Македонија, а во 1969 година беше прогласен и за спортист на Македонија. Од Вардар замина во германскиот бундеслигаш Шалке 04 (1975-1977), потоа за Трепча, одново во Вардар, потоа во Тетекс, Македонија Ѓорче Петров, а кариерата ја заврши во Микрогранулат од Гостивар, кога имаше полни 49 години.

Видео на денот