МОТ 2020: Театарско „…ќе има и утре!“

Младинскиот културен центар го најави почетокот на 45-то издание на театарскиот фестивал Млад отворен театар (МОТ), кој годинава со мото „…ќе има и утре!“ ќе се одржи од 24 ноември до 3 декември.

Отворањето на МОТ на 24 ноември ќе ја донесе премиерната изведба во живо на претставата „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“ во продукција на ФРУ и MOT. За првпат во своето постоење МОТ ќе се одржи во хибридно издание, а програмата ќе може да се следи во живо и онлајн (специјални стримови само за МОТ од домашните продукции, како и од пријателите од Словенија, Грција и од Хрватска).

– Сработивме многу годинава и нема да дозволиме да извиси МОТ. Не ја даваме живата уметност, не го даваме театарот и оптимистично го отвораме и затвораме фестивалот со претстави во живо, бидејќи ќе има и утре, другари! Поради целава ситуација во која се наоѓаме, го задржуваме правото на измени во распоредот, затоа ве молиме да нѐ следите – изјави Русе Арсов во име на тимот на МКЦ.

Во десет фестивалски вечери, ќе се видат дури три премиери, „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, ко-продукција на МОТ и Факултет за работи што не се учат, перформансот „Screensaver“, развиен во рамки на програмата „Современа кореографија и танц“ на Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата и „Херои 4:33“, во режија на Деан Дамјановски на Театар „Ј. Хаџи-Константинов Џинот“, Велес.

Фестивалот се отвора со премиера на „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, ко-продукција на МОТ и Факултет за работи што не се учат (дел од тимот се победниците на Прашкото квардинале за перформанс, дизајн и простор во 2019).

„Универзална во пламен“ е перформанс – есеј за Жан Кокто во прошетка низ скопските улици, за поетот што во пожарот го спасувал огнот, наместо предметите што гореле. Ова е приказна за затворениот објект на Универзална сала, кој официјално не функционира веќе пет години. Но таа е и дел од меморијата на Универзална сала, среде сите настани во нејзината долга историја. Ова е претстава за новата солидарност, која овие времиња ја бараат: за пожарот, трагедијата и за катарзата од која треба да роди нова солидарност како фениксот што се раѓа од пепелта, од пепелта на Грамши.

– Додека општеството дебатира дали еден објект во центарот на градот треба да се урива или не, ние на тоа одговараме со уметност. Немаме историска дистанца од општествениот проблем, што е особен предизвик, туку сме еден спроти друг со него и си го поставуваме прашањето која е улогата на уметноста сега во општеството и кое е тоа општество кое нé доведе до овде – вели авторскиот тим на „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, Кристина Леловац и Филип Јовановски. Претставата ќе има пет премиерни изведби од 24 до 28 ноември.

Млад отворен театар, за првпат во хибридно издание, ќе се случува на три сцени, преку интернет во вашите топли домови, во Младински културен центар и во Универзална сала. Цената на билетите за претставите во живо e 300 денари, а онлајн претставите се бесплатни, но неопходен е билет, бидејќи бројот на гледачи на стримот е ограничен. Сите билети се достапни преку bileti.mkc.mk.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 57, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 21-22 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот