Мосад: Како и пред 50 години, посветени сме на пресметка со убијците

Израелска армија EPA-EFE/ABIR SULTAN

Шефот на Мосад, Давид Барни денеска најави дека Израелската разузнавачка агенција „ќе ги израмни сметките “ со секој кој е вмешан во смртоносните напади на Хамас на 7 октомври врз јужен Израел.

На погребот на поранешниот шеф на Мосад, Цви Замир, Барни рече дека Израел е сред војна и дека Мосад, како и пред 50 години, е посветен на пресметка со убијците.

„Ќе биде потребно време, како по масакрот во Минхен, но ќе ги фатиме каде и да се. Секоја арапска мајка треба да знае дека нејзиниот син, доколку директно или индиректно учествувал во масакрот на 7 октомври, си потпишал смртна пресуда“, рече Барни, објавија израелските медиуми.

Додека Цви Замир беше на чело на Мосад, тој ја надгледуваше операцијата „Божјиот гнев“, чија цел беше убиство на лидерот на палестинската организација „Црн септември“, чии припадници убиле 11 израелски спортисти на Олимписките игри во Минхен во 1972 година.

Барни зборуваше еден ден по смртта на вториот човек на Хамас, Салех Аури, кој беше убиен во напад со беспилотно летало во предградие на Бејрут, кој му се припишува на Израел.

Во нападите на палестинските екстремисти, предводени од Хамас, на 7 октомври, во Израел беа убиени 1.140 луѓе, главно цивили, според податоци на западните агенции, засновани на израелски информации.

Во војната која трае речиси три месеци, во Газа загинале 22.313 лица, главно жени, деца и малолетници, се наведува во најновиот извештај на тамошното министерство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот