Монтажна куќичка го замени руинираниот објект во ГТЦ, во неа ќе има галерија на слики

Фото: Слободен печат/Анета Стојковска

Објектот постои од 1994 година, но беше пред распаѓање и постоеше сериозна опасност да се повреди некој од минувачите. Го обновивме и тука ќе биде сместена галерија на слики на Киро Урдин, објаснува директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски.

Многубројни реакции по социјалните мрежи предизвика поставувањето монтажна куќичка во Градскиот трговски центар, во просторот каде што е првиот излез кон Кејот на Вардар. Граѓаните бараат одговорност, потсетуваат на „гушкањето“ на ГТЦ за да не се „преоблече“ во барок, прашуваат со чија дозвола и зошто е поставен и која му е намената и дали објектот е дивоградба.

И навистина, објектот изгледа чудно и отскокнува од околината. Но, како што објаснува директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски, сѐ уште се работи на него, ќе се разубави и во него ќе биде сместена галерија на слики на уметникот Киро Урдин.

Повозрасните скопјани се сеќаваат на некогашното кафуле „Стоби“, кое се наоѓаше тука. Тоа е истиот објект и во него во иднина ќе биде сместена галерија на Киро Урдин. Објектот постои од 1994 година, како и неколку други монтажни објекти во ГТЦ, но беше пред распаѓање и постоеше сериозна опасност да се повреди некој од минувачите. Фактички, ја обновивме фасадата, па иако сега личи како викендичка на планина, допрва ќе се разубави, сѐ уште не е готов – вели директорот на ГТЦ за „Слободен печат“

Фото: Слободен печат/Анета Стојковска

Според него, сите коментари по социјалните мрежи дека нешто се прави незаконито, не се точни, затоа што не станува збор за дивоградба, објектот си има имотен лист.

Тоа значи дека не правиме никакво лошо дело, напротив, дело би било ако го тргнеме или дозволиме поради руинираност некој да се повреди. Сепак, станува збор за приватна сопственост, која не може туку така да се тргне – објаснува Трајчевски.

Во Градскиот трговски центар има повеќе монтажни објекти стари со години. Такви се, на пример, речиси сите во првиот премин од десната страна од влезот во ГТЦ од плоштад и на приземјето и на првиот кат, но и објектите на „Спицикото“ и на трафиката лоцирани на приземјето во средишниот дел на Трговскиот центар. Дел од нив уште пред неколку децении се приватизирани.

Градскиот трговски центар е изграден уште пред 51 година, поточно почнал да се гради на 11 октомври 1969 година и по четиригодишна изградба, во април 1973 година е официјално пуштен во употреба. Изграден е по проектот на тимот архитекти Тихомир Арсовски, Живко Гелевски, Димитар Димитров, Благоја Колев, Радомир Лајовиќ, Лидија Маркова, предводени од Живко Поповски. Објектот има две подземни, приземно и две надземни нивоа, исполнети со простори за трговски, угостителски, занаетчиски, банкарски и други услуги, а од пред неколку години, во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов е направен и зелениот покрив, многу посетено место особено во летните вечери.

Владата предводена од Никола Груевски, во време на интензивната „барокизација“ во рамките на спорниот проект „Скопје 2014“ донесе одлука и ГТЦ да добие барокна фасада. На тоа се спротивставија и граѓаните и архитектите, кои три години со протести, трибини, па дури и со симболично гушкање, се бореа да го спасат автентичниот изглед на ГТЦ. За спас на Трговскиот центар беше организиран и референдум на кој се собраа повеќе од 10.000 потписи.

Фото: Слободен печат/Анета Стојковска

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот