Момо Капор: Тајната наречена МЕЗЕ

Љубопитниот странец ќе има прилика одблизу да ја види разликата меѓу нас и другите народи по тоа што јадеме со пијалакот. Имено, постои стара поговорка која вели дека мајката не го карала синот што пие, туку што попатно и не мези. (Краток расказ од Момо Капор).

Накусо, што е мезе?

Во овој историски период во кој глобализацијата прети да ни ги избрише историските паметења, традицијата и идентитетот, не е напразно да се фрли малку светлина на она што нè разликува од другите народи.

Последен човек на светот сум кој би имал нешто против вискито, но никогаш не сум видел некое друштво да пие виски и да мезети. Вискито главно се пие стоејќи крај шанкот или во оној благословен миг кога изморениот Западник, од кого Западот извлекол сè што можел, ќе се довлечка навечер, по работа, до фотелјата, ќе ги исфрли од нозете мокасините и ќе повлече долга голтка за да си дојде при себе од благосостојба. Со виски не може да се мези, со него се грицка чипс, индијски оревчиња, фстаци, или во еден залак се проголтува малиот канапе залак.

Во согласност со тоа се и сите постапки на цивилизацијата која пие виски, џин или коктели, од кои најмногу го сакам „менхетен“, и тоа главно поради црешата, единствена позната работа во тој пијалак.

Мезењето е ритуал кој припаѓа на една друга цивилизација, како што и самиот збор мезе – од персијско потекло – до нас дошол преку Турците, заедно со уште неколку најважни работи како што се јавашлук, баксуз и будала. Разликата меѓу цивилизацијата која пие виски, а не мезети, и оваа нашата, која додека пие ракија мора барем на чепкалка да набоде трошка сирење, иста е како меѓу кафето еспресо (допјо ристрето) која стоeјќи паѓа во грлото и турското кафе кое се срка долго и седејќи, со разговор, а кое Турците главно и не го пијат, зашто нивниот омилен пијалак е чајот.

Земено генерално, се чини дека кај нас провинцијата повеќе и подобро мезети додека пие отколку во метрополата. Во малите градови и во внатрешноста времето минува бавно и човек го има на претек да се опушти и на мир да ги чуе отчукувањата на своето срце. Во Белград, исто така, пред вечерта мезети предградието, каде што сè уште се живее по човечка мера, а помалку центарот, кој одамна ги загуби навиките на своите татковци и дедовци.

Во пeрифирните дворови луѓето седат, пијуцкаат и мезетат. Ноќта се искрадува како крадец преку крошните на липите и оревите, се мезети под месечина и се е како некогаш.

Кога Оскар Вајлд се враќал од патување од Америка во Англија, им раскажувал на пријателите како на некој негов домаќин му ја пофалил месечината во Вирџинија, а овој пак со сетно воздивнување му рекол – Ах, требаше да ја видите пред војната, мистер Вајлд!

Има тука уште нешто: за разлика од мезењето дома, се мезети многу поубаво во кафеана, затоа што се плаќа. За тоа најдобро сведочи приказната за еден белграѓанин кој со години се состанувал на истата маса во старата кафеана „Зора“ со своите пријатели, секојпат фалејќи го гулашот од телешки срциња и бубрези кој го прави неговата жена како најдбар гулаш во светот. Најпосле, се договараат да се донесе тоа ненадминливо јадење една сабота во кафеаната, го пробуваат, но нешто по општиот впечаток, недостигало во вкусот на гулашот. Што, тоа никој не знаел да каже се додека еден не се досетил да извика – „провлечете го преку оџакот!“, и дури кога лонецот со гуашот го провлекле низ отворотот на кујната на кој келнерите ги поддигнуваат нарачките, тој навистина го доби оној вистински вкус – кафански.

Но зборувајќи за мезињата, за малку ќе го заборавевме пијалокот. Во старите времиња, луѓето секоја вечер, полн половина век, седеле крај иста маса дружејќи се, и секој ја нарачувал онаа количина на пијалок која би ја испил вечерта. Некој литро вино, други половина литар мека ракија, трети три деци лута, па така не постоело денешното насилство на частење со нови тури. Едноставно, секој нарачувал онолку пијалак колку што му дозволувале здравствените и платежните можности, и таа количина била неприкосновена и света. Ја викале „гида“.

…Денес тие стари кафеани се претворени во кафиќи, пабови, бистроа, парфимерии и банки. Во кафулињата има прегласна музика за да не се разговара, зашто гостите главно се без текст. Од мезињата ни трага, само понекаде тацничка со кикиритки. Старите пијаници се повлекоа во сопствените кујни, седат крај масата покриена со мушама, пијат полека и мезетат зрнца сирење. Предноста на пиењето дома е во тоа што кога човек ќе се напие, полесно стигнува до својот кревет отколку кога е во кафеана. Низ Белград сè уште кружи старата легенда за Паја Вуисиќ и неговиот брат Дуја кои во полноќ ги превртувале столиците и ги ставале на кујнската маса, па со пешкири преку рацете, како со салвети, му наплатувале на татко им сметка како да е во кафеана, викајќи му дека е фајронт. Би му зеле пари и потоа оделе во кафеана да пијат. Се зборува дека некој белграѓанин го шетал својот гостин да му го покаже градот и сите негови чуда, а кога папсале од шетање и седнале во некоја кафеана да се одморат и да се напијат пиво, домаќинот длабоко воздивнал и рекол:

– Штета што тука не бевте пред триесеттина години.

– Да? Кога Белград беше навистина Белград?, праша гостинот.

– Не! Кога јас бев навистина јас!, одговори тој.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот