Моџтаба Хамнеи/Фото: MORTEZA NIKOUBAZL / Sipa Press / Profimedia

Моџтаба Хамнеи наводно пренесен во Москва поради здравствени и безбедносни причини

Новиот врховен лидер на Иран Моџтаба Хамнеи, наводно со руски воен авион во строго тајна операција, е префрлен во Москва поради неговата здравствена и безбедносна состојба. Според пишувањата на британски „Сан“, Хамнеи е однесен во Москва на операција на ногата која „лично била понудена од Путин“ откако претрпел сериозни повреди за време на воздушните напади од страна на САД и Израел.

По пристигнувањето, како што пишуваат медиумите тој веднаш бил подложен на „успешна“ операција и моментално се лекува во болница во еден од претседателските комплекси во Москва.

Според извор близок до новиот ирански врховен лидер, повредите што Моџтаба ги здобил за време на американско-израелската воена кампања во првичните напади врз Иран на 28 февруари барале добро опремена болница, внимателно медицинско следење на неговото здравје и посебни безбедносни мерки кои, според извештаите, е невозможно да се обезбедат во Иран во овој момент.

Изворот објаснил дека иранските безбедносни служби биле особено загрижени дека локацијата на Хамнеи би можела да биде откриена преку следење на лекарите и специјалистите кои би го лекувале. Затоа, препораката од Москва која подоцна била прифатена од Техеран е дека најдобро би било третманот на лекување на Хамнеи да се спроведе во Русија.

Путин предложил Хамнеи да се лекува во Русија?

Изворот исто така посочил дека рускиот претседател Владимир Путин лично предложил Моџтаба да се лекува во Русија за време на телефонскиот разговор со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан кој беше одржан минатиот четврток. Иранските претставници, вклучувајќи го и самиот Хамнеи, го разгледале рускиот предлог и истиот го одобриле. Како што наведуваат медиумите Моџтаба потоа бил префрлен во Русија во четврток вечерта, каде што го лекува тим руски лекари, а го придружуваат и тим од неколку ирански лекари.

Од друга страна според извори во Тел Авив, израелските разузнавачки служби веруваат дека повредата на Моџтаба може да биде посериозна отколку што првично се сметаше, додавајќи дека Израел нема потврдени информации дека тој го напуштил Иран.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот