Модерно уметничко наследство: Ентузијастичка идеја прерасна во сериозен истражувачки проект

Проектот „Тајните места на Скопје“ на Благоја Варошанец ја доби наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2020 година од областа на ликовната критика, што ја доделува Здружението на ликовни критичари „АИКА Македонија“.

Проектот „Тајните места на Скопје“ на Благоја Варошанец се осврнува на ургентната потреба од документирање, мапирање и архивирање на современото модерно уметничко наследство: скулптури, објекти, мурали, мозаици, витражи и сл., поставени во јавен простор на територијата на градот Скопје, создадени во периодот по Втората светска војна сѐ до 90-тите години на 20 век.

Според комисијата во состав Елена Вељановска, Ана Франговска и Нада Пешева, проектот „им дава видливост на познатите, а открива и помалку познати остварувања на модерната, реализирани во јавен простор, на отворено, но и во разновидни објекти од јавен карактер: згради на јавни установи и деловни објекти, дворови на фабрики и сл. Истражувањето дава светлина на модерната уметност и од контекст на круцијалноста во урбанистичкото планирање на градот, во кое уметнички дела се планираат како интегрален дел од една архитектонската целина, а не како нивна декорација. Со тоа проектот открива дела и целини коишто преку годините и заради непланските зголемувања, украсувања и сквернавења на јавниот простор (особено со проектот Скопје 2014) се сокриени, запоставени, оштетени или оставени на забот на времето“.

Споменик од Максим Димановски

Првичниот медиум на проектот се социјалните мрежи, а за истражувањето на Варошанец „Културен печат“ веќе објави напис во бројот 32 во мај годинава.

– Не се надевав дека оваа навидум ентузијастичка идеја за проектот „Тајните места на Скопје“ ќе прерасне во сериозен истражувачки проект. Благодарејќи на моите блиски пријатели и колеги, кои ме охрабрија, аплицирав на отворениот конкурс за годишната награда „Ладислав Баришиќ“, што ја доделува „АИКА Македонија. Наградата ми претставува уште поголема мотивација да продолжам да откривам многу други „тајни места“ и да го проширам проектот на регионално ниво.

Проектот е одлично прифатен, влијае и го менува погледот за градот, на сите што го следат. Имам толку обемен материјал што „Тајните места на Скопје“ сигурно ќе продолжи во наредните триесетина дена. Сега сум сѐ повеќе сигурен дека овој материјал ќе го пренесам на некој медиум, како трајна архива која ќе ја зачува специфичната димензија на јавниот простор, односно со откривање на маргинализираните „тајни места“, ќе го афирмира интегритетот на културните дисциплини – изјави Варошанец по добивањето на наградата.

Споменик од Петар Хаџи-Бошков

Благоја Варошанец (1982, Скопје) е кустос во Музејот на современата уметност во Скопје. Дипломира на катедрата на Историја на уметност со археологија на Филозофскиот факултет во Скопје. Образованието го продолжува на постдипломски интердисциплинарни Културолошки студии во книжевноста на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во 2019 година станува член на Извршниот одбор на МНК ИКОМ, а во 2020 година се стекнува со стручното звање Виш кустос.

Неговата професионална определба е ориентирана кон водење и презентирање на колекцијата во Музејот, како и презентирање на современите уметници. Има курирано повеќе од 50 изложби на светски познати уметници, изложби во соработка со Британскиот совет, како и Биеналето на млади, интернационални изложби и соработки. Се занимава со фотографија и истражувања во областа на културата и уметноста.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 43, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 8-9 август 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот