Моден „напад“ на министерката за финансии и гувернерката на Народна банка

Фото: Слободен печат

Кога е во прашање модниот стил на политичарите, помеѓу жените и мажите во Македонија постои голема разлика. Додека политичарите сè уште ги форсираат костумите во тмурни нијанси, во комбинација со здодевни модни додатоци (нема поубав украс на мажот со стил од правилно избраните манжетни на кошулата или контрастна вратоврска), некои од жените од политичкиот свет, сфатија дека облеката која ја носат е моќно комуникациско оружје.

Ова, денес, го покажаа министерката за финансии, Нина Ангеловска и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежовска. Овие две-жени, чуварки на државната каса, покажаа, (барем, за сега), дека време е да се оттргнеме од стереотипниот код на облекување кој е „резервиран“ само за политичарите. Зашто, во светот, одамна веќе имаме политичари со препознатлив и изграден стил. 

Двете наши „модни апостолки“ одбраа палта во повпечатливи тонови – морнарски сино (нијанса која останува трендовска и за сезоната есен/зима 2019) и црвена, која е прилично смела, но „смирена“ во комбинација со црната блуза со флорален принт (скроена од нежен материјал) и црното миди здолниште.

 

Обете, модниот изглед го заокружиле со класични салонки во темна нијанса, на умерено висока потпетица. Можеби, можеле да направат мал и симпатичен „експеримент“ со чевли со „стилето“ потпетица и во тон сличен на палтата кои ги носат. Така би изгледале, според нашиот вкус, пошик.

Кога сме веќе кај нашиот вкус, се разбира, за вкусовите не треба да се дискутира, тоа е старо (римско) „правило“. Ама, ајде пак, да се угледаме на италијанските политичарки кои одлично ги кршат правилата во интерес на истакнување на сопствениот стил и став.

Слободен печат“ си има своја метафизика на стилот. А таа гласи вака (и не е од никого ниту преземена ниту цитирана): Стилот е она што се добива кога некој би ве „превртел“ од внатре кон надвор. Како ја оправдуваме оваа „теза“? Лесно. Со контрапрашањето – зошто на некои не им прилегаат ни најскапите костуми? Оти, начинот е стилот. И тогаш споредно станува „што“, а најважното е – како (на кој начин се носи).

Ангеловска и Ангеловска Бежовска (за сега) покажаа КАКО.

Мал совет за крај? Советче кое важи за сите жени во нашиот мал, политички, микрокосмос. Оставете ги италијанските звучни марки на италијанските политичарки, француските – на Французите…Носете креации од македонските дизајнери! Што почесто, насекаде, и „по дома“ и низ светот. Промовирајте ги, форсирајте ги, засакајте ги… Оти, во начинот е стилот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот