Митрески ја закажа седницата за избор на техничка влада, доставени предлозите за министри

Јован Митрески/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Претседателот на Собранието Јован Митрески за утре во 11 часот ја закажа пленарната седница за избор на техничката влада, откако мандатарот Талат Џафери го доставил предлогот за состав и програмата на преодната влада, информираат од Кабинетот на Митрески.

За премиер на техничката влада се предлага Талат Џафери.

За министри се предлагаат Славјанка Петревска за ресоррот одбрана, Панче Тошковски ќе раководи со Министерството за внатрешни работи, Кренар Лога со Министерството за правда, додека Артан Груби со Министерството за политички систем.  Бујар Османи останува министер за надворешни работи, Фатмир Бесими ќе раководи со финансии, Јетон Шаќири со образование, а Ѓоко Велковски со труд и социјална политика. Ристо Пенов продолжува да раководи со локална самоуправа, Бисера Костадиновска Стојчева со култура, Азир Алиу со информатичко општество и администрација, Благој Бочварски со транспорт и врски а Каја Шукова во ресорот екологија.

За министри без ресор предложени се Бојан Маричиќ задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи за економски прашања и Славица Грковска за политики за добро владеење.

До Собранието поднесена е и програма за работа на преодната влада.

Во програмата објавена на веб-страницата на Собранието, меѓу другото, пишува дека врвен приоритет на Владата е подготовка и организирање на слободни, фер и демократски редовни претседателски и парламентарни избори на 24 април и 8 мај,   продолжување на сите процеси кои произлегуваат од започнатите пристапни преговори со ЕУ и забрзаната европска интеграција, раст и развој на економијата, пораст на животниот стандард преку зголемување на минималната и просечната плата и пензиите во 2024 година, намалување на инфлацијата, и одржување на ценовната стабилност и на вработеноста, директна поддршка на граѓаните и компаниите во 2024 година, владеење на правото, борбата против криминалот и корупцијата, целосен ред и поредок на државата, продолжување на реформските процеси на сите државни нивоа.

– За таа цел Владата врз основа на широкиот меѓупартиски дијалог ќе овозможи ефикасно имплементирање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и останатите меѓународни организации со цел да се овозможат највисоките европски стандарди во процесот во изборната кампања и самите избори, односно да се одржат избори со целосен легалитет, легитимитет и консензуално прифаќање на изборната волја на граѓаните, се посочува во програмата на мандатарот Џафери.

Техничката влада треба да биде избрана надоцна утре до полноќ. За избор на техничката влада потребно е да гласаат 61 пратеник. ВМРО-ДПМНЕ нема да ја подржи преодната влада предводена од Џафери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот