Министерството на Груби ја занемари двојазичноста на официјалната веб-страница

Првиот вицепремиер замина на средба со косовската колешка, додека дома му се „трупаат“ скандалите

Најмалку 1.200 евра казна му се заканува на првиот вицепремиер Артан Груби, со оглед на фактот што веб-страницата на Министерството за политички систем со кое раководи осамна еднојазична. Па така, на официјалната страница на институцијата, единствено на албански јазик се споделуваат активностите на првиот вицепремиер, а место за промоција се најде и за најновата песна на пејачката Туна, посветена на албанската азбука. Од друга страна, било каков податок на службениот македонски јазик не може да се пронајде, но се напоменува дека оваа верзија е во изработка. Од Владата не дадоа конкретен одговор зошто министерството предводено од Груби не пружа информации и за граѓаните чиј јазик е македонскиот.

-Оваа страница е во фаза на изработка и за многу кусо време, според она што последно успеав да го добијам како информација, е дека ќе биде пуштена страницата и на македонски и на англиски јазик, извести владиниот портпарол Душко Арсовски.

Согласно членот 6 од Законот за употреба на јазиците, за кој високи функционери од Мала Речица минатата година се пофалија дека е „закон на ДУИ“, веб страниците на институциите и содржината на веб страниците покрај на македонскиот јазик и неговото писмо, задолжително се објавуваат и на јазикот различен од македонскиот јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо. Во Законот е предвидено и дека за непочитувањето на овие одредби, каков што е случајот и со Министерството за политички систем кој го изостави македонскиот јазик, се изрекува глоба, чија сума варира од четири до пет илјади евра. Но, на глоба во износ од 30% од казната за институцијата подлежи и нејзиното службено и одговорно лице, односно најмалку 1.200 евра.

Сепак, по се изгледа, Груби ќе куртули од полнење на буџетот, бидејќи прекршувањето на Законот за употреба на јазиците и уставните амандмани посветени на јазикот, го утврдува Инспекторатот за употреба на јазици, кој пак се уште не е екипиран и не функционира во целост.

Во меѓувреме, додека неговото име е се поактуелно во јавноста, првиот вицепремиер Артан Груби замина во официјална посета на Косово и не е достапен пред домашните медиуми за одговор на прашањата поврзани со двојазичноста на официјалната веб-страница на неговото министерство, како и за коментар на изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети кој истакна дека првиот вицепремиер бил во улога на преведувач во случајот за т.н. „Жолта куќа“.

Груби за дел од медиумите потврди дека во случајот бил ангажиран за превод од страна на Хашкиот трибунал и ги демантираше написите дека бил повикан од страна истражителите во Хаг во својство на сведок. За наводите за вадење и продавање на органи на десетици Срби досега истрага водеа УНМИК, Меѓународниот трибунал и ЕУЛЕКС, но не завршија со обвинение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот